• недела, 22 декември 2024

Собранието утре ќе ја продолжи расправата по првата точка од дневниот ред на 64-тата седница

Собранието утре ќе ја продолжи расправата по првата точка од дневниот ред на 64-тата седница
Скопје, 1 март 2022 (МИА) – Собраниската расправа за Предлог-одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, што е прва точка на дневниот ред на 64-тата седница, ќе продолжи утре во 11:00 часот. По едночасовната пауза по обраќањето на првиот пријавен за збор на оваа точка на дневен ред, пратеникот Фадил Зендели од БЕСА, Собранието ја продолжи расправата со серија реплики од пратениците од опозицијата и контра реплики од Зендели. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека е голем преседан разрешувањето што се врши денеска на член на Комисијата за изборите и именувањата и тоа што Фадил Зендели од БЕСА бил сметан за именуван функционер. -Пратеник кој членува во одредена собраниска комисија не е именуван функционер и не може да биде разрешен од комисијата. Собранието еднаш изгуби спор на  Управниот суд заради разрешување член без одлука на Комисијата за избори и именувања и може тоа повторно да им се случи, рече Милошоски. Зендели истакна дека денеска дефинитивно има проблеми со демократијата. -Денеска она што ми се прави мене утре ќе ви се прави вам, бидејќи кршењата на Деловникот што се правата ќе ни се повторат, посочи Зендели. Во реплика, пак, Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека целта не е да го сменат Зендели зошто е нестручен, туку да си донесат свои луѓе на функциите кои им требаат. -Сакаат комисијата да избере луѓе како Кацарска за да имаат политичка доминација во секое политичко тело. Сакаат СДСМ да си ги вдоми своите кадри, рече Мисајловски. Следеа уште неколку реплики и контра реплики по што потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за утре во 11:00 часот. Собранието, претходно денеска речиси цел ден не можеше да го утврди дневниот ред на седницата на која се предложени 11 точки. Дневниот ред беше усвоен доцна вечерва по целодневна расправа во тек на која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа првата точка од дневниот ред – Предлог–одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели, да се смени со други точки од дневниот ред. Обвинија за прекршување на собранискиот Деловник и посочија дека мнозинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, зашто им е потребно мнозинство за, како што рекоа, да аминуваат штетни политички одлуки. Од владејачкото мнозинството, пак, оценија дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела на Собранието.вј/лв/

Остани поврзан