• понеделник, 23 декември 2024

Собранието расправаше за измени и дополнувања на Законот за мобинг

Собранието расправаше за измени и дополнувања на Законот за мобинг
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - Собранието денеска ја продолжи 30. седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои и законите за употреба на знаковниот јазик, измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека гласањето на законите дополнително ќе се изврши, бидејќи нема доволен број пратеници за одлучување. Во фокусот на седницата беше Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита од вознемирување на работно место, по скратена постапка. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека целта на предложениот закон е усогласување со новиот закон за прекршоци и новиот закон за инспекциски надзор. Тие посочија дека случаи на вознемирување на работно место или мобинг стануваат се позачестени во земјава, а заштита од нив, како што велат, никако да излезе на виделина. Според нив, правдата е далечна и не е еднаква за сите, а се уште има директори, градоначалници, раководители кои вршат вознемирување врз вработените. Како примери ги наведоа случувањата во Општина Лозово, случајот со вознемирување полицајки во МВР... Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека низ државните институции , општините и низ компаниите има мобинг. Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека вознемирувањето на работното место претставува сериозен општествен проблем, а иако има закон за заштита од вознемирување, тој не се спроведува. Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека како парламентарно мнозинство ги поттикнуваат сите вработени да го пријавуваат секое вознемирување, врз нив како личност и како загрозување на работното место. Додаде дека бројот на пријави е зголемен, луѓето се ослободени и веруваат дека институциите ќе можат да им помогнат. Според Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, вознемирувањето на работно место е сериозен општествен проблем и треба сериозно да се третира. Пратениците посочија дека проблемот е општествен, многу сериозен и треба секоја прилика да се користи за негово актуелизирање. Легислатива, доверба во институциите, да ја зајакнат својата доверба, дека го има и во приватните компании. Претседателот на Собранието Џафери даде пауза до 15:30 часот. На дневен ред на седницата се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои законите за практикантство, за волонтерство, за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, за вработување на инвалидни лица... Со „европско знаменце“ на дневен ред денеска е и Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, во прво читање. На 30-тата собраниска седница се и неколку предлог-закони во прво читање, меѓу кои за изменување на законите за спречување на насилство на спортски натпревари, за земјоделско земјиште, за планински патеки, за заштита од бучава и за животна средина. мд/вг/ 

Остани поврзан