• петок, 05 декември 2025

Собранието го утврди дневниот ред на 64-та седница со прва точка интерпелација на Љупчо Коцевски, дадена е пауза

Собранието го утврди дневниот ред на 64-та седница со прва точка интерпелација на Љупчо Коцевски, дадена е пауза

Скопје, 29 јули 2025 (МИА) – Утврден е дневниот ред на 64-та собраниска седница на којашто прва точка е интерпелација за работата на Републичкиот Јавен обвинител Љупчо Коцевски. Претседателот на Собранието Африм Гаши по утврдувањето на дневниот ред даде еден час пауза, на барање на пратеникот од ЗНАМ Бобан Карапејовски.

Гаши потсети дека претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпување на листата на пријавени пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24 часот. 

Во интерпелацијата на Левица доставена до претседателот на Собранието Гаши, е наведено дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски. 

-Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.

Додаваат дека од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски „во Јавното обвинителство владеела нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани биле и надворешни политички влијанија врз неговата работа“, за што сметаат дека е одговорен Коцевски.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, од 26 јуни. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.

Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.

Пред усвојувањето на дневниот ред на 64-та седница, пратениците изгласаа да се донесе по скратена постапка Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, по што тој се проследи во комисиските тела.

Пратениците не го изгласаа предлогот на Левица за донесување по скратена постапка на Законот за здравствена заштита.

На дневен ред на 64. пленарна седница се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, за внатрешни работи, за изменување и дополнување на Законот за полиција, за изменување на Законот за заштита на културното наследство, за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, измените и дополнувањата на Законот за домување, за училишта за средно образование на верските заедници, сите во второ читање. Потоа измените на законите за библиотеките и за државните награди и измените и дополнувањата на законот за рибарство и аквакултура, во второ читање. нд/вг/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан