• четврток, 19 декември 2024

Собир за правата на лицата со попреченост на работа

Собир за правата на лицата со попреченост на работа

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Американскиот Центар за солидарност (Solidarity Center) и македонското здружение за лица со попреченост, „Полио плус“ денеска во Скопје одржаа семинар на тема „Правата на лицата со попреченост на работа“.

На собирот, т.е. дискусијата за правата на лица со попреченост кои работат или треба да се вработат, присуствуваа здруженија од повеќе категории попреченост, како и претставници на синдикалните сојузи КСС и ССМ. Ѓоко Велковски од „Полио плус“ ја образложи законската рамка што македонските власти ја презедоа кон крајот на предминатото десетлетие, согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите Нации, можностите што ги нуди македонскиот Устав и постојните закони и правни норми во таа насока, како и предизвиците во преточувањето на декларативните заложби во конкретни дела.

Синдикалните претставници и другите присутни се согласија дека законските рамки дозволуваат и овозможуваат солидно подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и во однос на условите за работа, како и во сите други области во животот, но во пракса мора да се работи повеќе.

Елена Кочоска од „Полио плус“ посочи дека во многу случаи вработените лица со попреченост имаат приходи под националната минимална плата и честопати тие луѓе се злоупотребени од работодавците.

- Нашето учество (на лица со попреченост) на пазарот на труд се гледа исклучиво во тн. заштитни фирми (каде што вработувањето лице со попреченост ѝ носи бенефиции на компанијата). Проблемот е што во овие заштитни фирми не се води сметка дали нашата плата е на исто ниво со онаа на работникот без попреченост. Конвенцијата ја обврзува државата да го отвори својот пазар за нас и во јавниот сектор да води сметка да не бидеме само курири. Мора да се достигне нивото на еднакви можности и за лицата со попреченост - некој од нив да биде и раководител, на пр., но и во смисла на родовата еднаквост, изјави Кочоска.

Претставниците на лицата со оштетен слух посочија на недоволната застапеност на лицата со попреченост воопшто, во медиумите. Тие повикаа на поголем интерес и ангажираност во таа смисла.

Беше истакната и неможноста за поголема информираност за синдикалните права, пристапот до информации, за поголема пристапност до толкувачи за лицата со оштетен слух, помошници за лицата со оштетен вид и слично, конкретно за луѓето кои работат или треба да се вработат. си/ев/

Остани поврзан