• петок, 22 ноември 2024

Снимател на Анадолу загина во израелски напад врз Газа

Снимател на Анадолу загина во израелски напад врз Газа

Тел Авив, 9 декември 2023 (МИА) - Снимател на турската новинска агенција Анадолу е убиен во воздушните напади на израелската војска врз Појасот Газа, се вели во синоќешното соопштение на Европската алијанса на новински агенции (ЕАНА), пренесе ДПА.

-ЕАНА „длабоко жали за трагичната загуба на Монтасер Ал-Саваф, хонорарен снимател на Агенцијата Анадолу, во неодамнешните израелски воздушни напади врз Газа“, се вели во соопштението.

Организацијата повика на поголема безбедност и заштита на новинарите кои работат во Појасот Газа. Одборот на ЕАНА ја осуди секоја форма на насилство врз новинарите, истакнувајќи ја нивната клучна улога во обезбедувањето на јавноста доверливи информации од конфликтните зони.

-Нашето срдечно сочувство е до семејството, пријателите и колегите на починатиот новинар. Овој трагичен настан е несреќен и брутален потсетник за опасностите со кои се соочуваат медиумските професионалци во конфликтните области, рече лидерот на ЕАНА, Александру Гибои. 

Според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) со седиште во САД, од почетокот на војната во Газа биле убиени 63 новинари.

Меѓу нив има 56 Палестинци и четворица Израелци, како и тројца Либанци, соопшти вчера невладината организација.

Според CPJ, новинарите во Појасот Газа се особено изложени на ризик поради разорните воздушни напади, прекинатите комуникациски правци, тесните грла за снабдување и прекините на електричната енергија поради тековната воена кампања на Израел. мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан