• сабота, 23 ноември 2024

Словенија и Хрватска меѓу петте европски земји со најдобри услови за живот

Словенија и Хрватска меѓу петте европски земји со најдобри услови за живот
Загреб, 2 март 2023 (МИА) - Словенија со четврто место и Хрватска со петто место се рангирани меѓу петте земји во Европа со најдобри услови за живот, објави сајтот „Croatia Week“.

Анкетата ја спроведе блогот „My Dolce Casa“, кој објавува материјали за патување, преселување, живеење и пензионирање во различни земји. Нејзиното рангирање вклучува 15 европски земји кои нудат комбинација на висок квалитет на живот и разумни трошоци.

„Четвртото место на Словенија може да биде изненадување за некои, но оние кои ја посетиле земјата барем еднаш ќе разберат зошто оваа потценета земја се рангира толку високо меѓу најдобрите европски земји за живеење“, се вели на блогот.

Главните причини за изборот за живеење во Словенија, според истражувањето, се „неверојатната природна убавина, планините кои го одземаат здивот, инфраструктурата и безбедноста од светска класа“.

„Хрватска повеќе не е скриеното богатство на Европа како што беше“, се наведува во студијата.

Јадранското крајбрежје, приморските градови, чистата сина вода и убавото време се меѓу причините што блогот ги наведува за изборот на живот во Хрватска.

„Хрватска го заработува своето место на листата благодарение на ниските трошоци за живот и рејтингот за квалитет на живот, нудејќи исклучителен начин на живот по разумни цени“, се заклучува во студијата. паг/
 

Остани поврзан