• среда, 25 декември 2024

Славица Јанешлиева и НГМ претставник на Венециското биенале на уметноста 2024

Славица Јанешлиева и НГМ претставник на Венециското биенале на уметноста 2024

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) - Проектот „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear“ на авторката Славица Јанешлиева и Националната галерија на Република Северна Македонија е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година.

Како што информира Министертството за култура, одлуката ја донесе стручна комисија при Министерството за култура, во состав: Станко Павлески (ликовен уметник), Зоран Петровски (историчар на уметноста) и Луан Зенку (ликовен уметник).

- Проектот е дводелна просторна инсталација во која Јанешлиева гради (авто)поетична лирска метафора поттикната од ехо на чувства од издвоен лик од басната „Грдото пајче“ на Х. К. Андерсен, сопоставувајќи засебна релациска целина од слики – огледални рефлексии, надградени со истовремено „лајф“ снимени и проектирани слики – аголни визури на сопствениот лик – фигури пред огледалaта надополнето и со позната детска мелодија од американските ’40 – ’50 г. на минатиот век, во духот на басната употребена во претходната односна целина, воспоставувајќи илустративност на бивањето на поединецот странец или не, во најширока смисла на зборот, стои во образложението на стручната комисија при Министерството за култура.

На Конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година, во организација на „Венециското биенале“ (La Biennale di Venezia), годинава пристигнаа и беа разгледани три пријави. Тие се за проектите: „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear“ од авторката Славица Јанешлиева и Националната галерија на Република Северна Македонија, кој беше прифатен и „Ничија уметница/Nobody’s artist“ од Весна Стефановска и „Разгледница од маргините: Расплетување на животи, издржливост и други приказни“ од Ѓорѓе Јовановиќ, кои се одбиени бидејќи не ги исполнуваат во целост условите и критериумите на Конкурсот.

Венециското биенале на уметноста ќе се одржува од 20 април до 24 ноември 2024 година. мд/са/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан