Скрекас: Грција предводи голема група земји- членки кои бараат ЕУ да постави реален плафон за природниот гас
- На вчерашниот вонреден совет на министрите за енергетика, Грција предводеше голема група земји- членки кои побараа ЕУ да постави реален плафон за цената на природниот гас, многу помал од пред
Атина, 25 ноември 2022 (МИА) – На вчерашниот вонреден совет на министрите за енергетика, Грција предводеше голема група земји- членки кои побараа ЕУ да постави реален плафон за цената на природниот гас, многу помал од предлогот на Европската комисија. Така, Европа ќе може да ги намали цените на природниот гас и следствено на електричната енергија, рече министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас додавајќи дека станува збор за „тешка битка, која ќе продолжи на 13 декември“, односно на следниот состанок во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Скрекас презентирајќи ги новите мерки за поддршка на домаќинствата и бизнисите за месец декември, истакна дека „Владата доследно и ефикасно ја спроведува својата политика за справување со енергетската криза, на два фронта“.
-Прво, преку создавање сојузи и притисок врз Европа да спроведе реален плафон за природниот гас, како што уште од март предложи премиерот Киријакос Мицотакис. И второ преку директни субвенции на сметките за струја за да се апсорбира поголем дел од зголемувањата, рече министерот за животна средина и енергетика на Грција.
За следниот месец, според Скрекас, планирани се субвенции за електрична енергија во висина од 435 милиони евра за домаќинствата и бизнисите.
-Поголемиот дел од износот доаѓа од иновативниот механизам за наплата на зголемените приходи на производителите на електрична енергија, што грчката Влада го спроведува од јули минатата година и до денес донесе над 2,5 милијарди евра, истакна Скрекас.
За сметките за струја соопшти дека предвидена е субвенција од 221 евро за мегават час за потрошувачка до 500 киловат часови за домаќинствата; за потрошувачка меѓу 501 и 1.000 киловат часови субвенцијата е 171 евро за мегават час, додека пак за месечна потрошувачка од над 1.001 киловат часови, владината субвенција е 81 евро за мегават час.
За корисниците на природен гас субвенцијата е 15 евра по термички мегават час за сите домаќинства.
Мерките на грчката Влада за поддршка на граѓаните и бизнисите за декември во однос на сметките за електрична енергија и природен гас се однесуваат на сите, без никакви критериуми и без разлика на висината на приходите.
Скрекас истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува домаќинствата и бизнисите додека трае енергетската криза и остануваат на нивната заложба дека „оваа зима никој нема да остане незаштитен“.ср/сд/