• петок, 05 декември 2025

„Скечерс“ со модел на патики за деца, што ветува поголема безбедност

„Скечерс“ со модел на патики за деца, што ветува поголема безбедност

Лос Анџелес, 31 јули 2025 (МИА) - Американската компанија „Скечерс“ ги објави новите детски патики, што ветуваат поголема безбедност за децата. Станува збор за линијата наречена „Најди ги моите Скечерс“ (Find My Skechers) наменета за деца на возраст до 10 години. Овој модел, кај петицата содржи преграда за сместувања на „скриената“ направа „Епл ертаг“ (Apple AirTag), којашто служи за следење на личноста која ги носи чевлите.

Направата, според описот, не пречи при одење. Патиките ќе може да се перат во машина за перење и веќе се на продажба, но додатокот „Ертаг“ се набавува дополнително.

Сепак, повозрасните деца лесно ќе можат да откријат дека го носат овој модел на патики, бидејќи многу од нив користат паметни телефони, па би можеле да добијат предупредување дека под нивното стапало има направа за следење. Покрај тоа, истражувањата покажуваат и предупредуваат дека користењето дигитална технологија за следење на местото и движењето на децата, всушност, води кон нивно побунтовно однесување.

Од друга страна, пак, „Ертаг“ може да помогне во пронаоѓањето патики заборавени во училиште, камп или кај пријател. Корисниците на интернет велат дека таков модел би бил корисен и за повозрасните луѓе.  си/јт/

Фото: Јутјуб, фотоисечок

 

Остани поврзан