• среда, 04 декември 2024

Сиљановска Давкова на литургија по повод Мала Богородица во црквата Свети Никола во Њу Џерси, и на средба со нашинци од дебарско 

Сиљановска Давкова на литургија по повод Мала Богородица во црквата Свети Никола во Њу Џерси, и на средба со нашинци од дебарско 

Њујорк, 21 септември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската државна делегација која ќе учествува на Генералното собрание на ОН, денеска посетата на САД ја започна на литургијата во цквата Свети Никола во Тотова во Њу Џерси по повод празникот Рождество на пресвета Богородица – Мала Богородица. Претседателката на средбата со припадниците на македонската дијаспора во Њу Џерси најави дека наскоро ќе иницира формирање на Совет за соработка со дијаспората. 

-Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората, рече претседателката Сиљановска Давкова. 

Како што кажа, дијаспората заслужува да учествува и во изборниот процес и во најважните одлуки, исто така и во креирањето на најважните одлуки и закони за иднината што ќе ја уредуваат. 

– Мислам дека ова ќе биде првиот чекор за континуирана комуникација со дијаспората, советите се добредојдени, помошта и разбирањето се добредојдени, ама и ние дома не смееме да заборавиме дека нашата дома е и ваша дома, рече Сиљановска Давкова. 

Претседателката заедно со припадници на нашата дијаспора присуствуваше на литургијата по повод празникот, а потоа имаше кусо обраќање и разговор со нив. 

Не случајно, рече Сиљановска Давкова, македонскиот народ е библиски и тоа ќе не следи секогаш. 

Посочувајќи дека ќе се обрати на Годишното собрание на ОН, претседателката кажа дека време е за длабоки реформи во Обединетите нации, кои што следната година одбележуваат 80 години. 

Парохискиот свештеник Дејан во македонската црква Свети Никола во Тотова изјави дека оваа цркована заедница е една од посериозните во Америка и во Канада.

-Во овој северен дел од Њу Џерси претпоставуваме дека имаме околу 50 до 60 илјади Македонци и сите тие гравитираат во оваа црковна заедница и во другата Св. Кирил и Методиј, блиску до нас. Богослужби имаме секоја недела и секој празник. Одржуваме литургии и секоја недела имаме заеднички ручек за сите присутни и можеме да поразговараме. Црквата после за духовна надградба нас Македонците тука ни е како место да се видиме едни со други, рече отец Дејан. 
 
Веќе од утре почнуваат часовите по македонски јазик и по фолклор во рамки на црквата, која во првата недела од ноември се одбележува 30-годишнината од осветувањето на црквата.  

- Нашите дечиња кои што доаѓаат овде се на возраст од 6 до 12 години и нас многу ни значат затоа што од најмали нозе може да и ја предадеме таа наша православна традиција. Исто така да комуницираат со наши, не само да го научат јазикот туку да бидат активно изложени на наши Македонци, да се запознаваат меѓу себе, не да се изгубиме и да се претопиме како тоа што се случува со втората и третата генерација, рече отецот дејан. 

На средбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. -Мило ми е што овде до мене седи Меџити оддавајќи почит на религијата и на сите вам, и јас ќе го посетам Граѓанскиот центар Дебар и џамијата. рече Сиљановска Давкова. 

Македонската делегација попладнево по американско врмеме ќе го посети Граѓанскиот центар Дебар и ќе биде пречекана од оџата Омер Кадри и од претставници на нашинци од Дебар и околината. 

Во САД официјално се регистрирани околу 72.000 македонски државјани, но се проценува дека се над 200.000.

Претседателката Сиљановска Давкова утре ќе се обрати на Самитот на иднината што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади. Претседателката ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на Претседателот на САД, Џо Бајден ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.
 
Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. 
 
Во македонската делегација се и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. ев/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан