• четврток, 12 декември 2024

Сиљановска-Давкова: Не смееме како досега да останеме мирни во однос на црните листи, Обвинителството да постапи по допрен глас

Сиљановска-Давкова: Не смееме како досега да останеме мирни во однос на црните листи, Обвинителството да постапи по допрен глас

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Не смееме како досега да останеме мирни и така некои кои се нашле на црните листи да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, тогаш треба да постапуваат и во случајов. Постојат во меѓународното право, постојат и во меѓусебните односи начини како да се дојде и до тие докази и да се започне постапка овде зошто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и всушност на тој начин го толерираме беззаконието. Значи, очекувам судот, очекувам јавниот обвинител да почне да постапува, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во однос на одлуката на американскиот Стејт департмент, за ставање на црна листа на Артан Груби и на апелацискиот судија Енвер Беџети.

Таа истакна дека особена загриженост претставува името на судија на таа црна листа.

-Кога го прочитавме и името на судијата на црната листа се разбира дека сите мораше особено да бидеме загрижени бидејќи судот треба да биде синоним за почитување на правото и правдата. Впрочем, сите граѓани правото и правдата ги бараат пред судот. Замислете ја сега ситуацијата – се плашам да изјавам, меѓутоа чинам дека неправдата и владеењето на присилни луѓе ги направиле сите институции слаби и во тој случај се потребни во духот на оценската мисија итни реформи и чекори во сите органи, рече Сиљановска Давкова.

Според неа, ако оние два проценти на недоверба кон судството всушност значат целосна недоверба во судството зошто два е рамно на статистичка грешка, сериозно, вели, треба да размислиме дали всушност се креирал еден партизиран и политизиран под наводници судски систем.

-Значи треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види навистина како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции и тука не можам а да не кажам дека најголемиот дел од вината лежи во кого – во оние два најважни органи, тоа е Судскиот совет и Советот за јавните обвинители бидејќи многу пати сум рекла тие треба да бидат чуварот на независноста на судството. Тие треба да бидат филтерот. Тие треба да бидат лакмусот, тие треба да бидат микроскопот, рендгенот и не смеат да дозволуваат определен профил на луѓе коишто се огрешиле или коишто придонеле директно или индиректно за недовербата во судскиот систем се уште да бидат на позиции каде што не смеат да бидат, изјави Сиљановска Давкова. нд/ац/

Остани поврзан