Сириските безбедносни сили се распоредуваат во градот Хасака
- Распоредувањето на сириските сили во Хасака е дел од мировниот договор помеѓу владините и курдските сили, постигнат со посредство на САД, со кој е предвидено интеграција на курдските сили во сириската армија и во администрацијата
Дамаск, 2 февруари 2026 (МИА) - Конвој на сириските безбедносни сили се упати кон градот Хасака, североисточна Сирија. Хасака беше под контрола на курдските сили.
Распоредувањето на сириските сили во Хасака е дел од мировниот договор помеѓу владините и курдските сили, постигнат со посредство на САД, со кој е предвидено интеграција на курдските сили во сириската армија и во администрацијата.
Договорот за прекин на огнот е постигнат откога Сириските демократски сили (СДФ) во судир со сириската армија во јануари изгубија контрола врз голема територија во источна и во северна Сирија.
Новиот командант на внатрешните безбедносни сили во провинцијата Хасака, Марван ал-Али, именуван од Дамаск, ги повика своите сили да ги „спроведуваат безбедносни мисии во согласност со утврдените планови и целосно да се придржуваат кон законите и прописите“.
Локалните курдски власти соопштија дека го прифаќаат договорот за прекин за да „ја гарантираат безбедноста на жителите“. Курдите за време на граѓанската војна во Сирија (2011 - 2024) воспоставија автономна зона во северниот и североисточниот дел на Сирија. Со договорот за прекин на огнот завршуваат надежите на Курдите за воспоставување поголема автономија.
Во согласност со договорот за прекин огнот курдските сили треба да се повлечат источно од реката Еуфрат, сириската влада ќе ги преземе воено и административно контролираните провинции Деир ез-Зор и Рака. Сите гранични премини, гасни и нафтени полиња во областа, исто така ќе бидат предадени на сириската влада. ми/сд/
фото: ДПА