• петок, 05 декември 2025

Сирискиот претседател засега ја исклучува можноста за зближување со Израел

Сирискиот претседател засега ја исклучува можноста за зближување со Израел

Вашингтон, 11 ноември 2025 (МИА) – Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара синоќа ја исклучи можноста за директни разговори за нормализирање на односите со соседен Израел, барем засега, јави ДПА.

На прашањето за желбата на американскиот претседател Доналд Трамп Сирија да се приклучи на Абрахамските договори – дипломатска иницијатива иницирана во неговиот прв мандат, преку која неколку арапски земји воспоставија односи со Израел од 2020 година, Ал-Шара посочи на континуираната израелска окупација на Голанската висорамнина.

Израел ја зазеде Голанската висорамнина од Сирија во Шестдневната војна во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Анексијата не е меѓународно призната. Израел и натаму ја окупира територијата.

Говорејќи за американската телевизија „Фокс њуз“, шефот на сириската држава рече дека „ситуацијата во Сирија е поинаква од ситуацијата на земјите кои го потпишаа Абрахамскиот договор“.

- Сирија има граници со Израел, а Израел ја окупира Голанската висорамнина од 1967 година. Ние сега нема да влегуваме во директни преговори, рече тој на арапски, во изјава што ја преведе американската телевизија.

- Можеби администрацијата на Соединетите Држави со претседателот Трамп ќе ни помогне да стигнеме до ваков вид преговори, додаде тој.

Ал-Шара вчера стана првиот сириски шеф на држава што бил примен во Белата куќа од независноста на земјата во 1946 година.

Израел и Сирија официјално се во војна од 1948 година. Мировен договор никогаш не е потпишан.

По падот на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад во декември 2024 година, израелската војска воспостави воени позиции на сириска територија долж границата и изврши воздушни напади врз складишта со оружје.

Израел, исто така, распореди дополнителни трупи на Голанската висорамнина, која е централна точка на спорот, по падот на Асад и оттогаш ги засили воздушните напади во Сирија, со образложение дека сака да спречи оружјето на Дамаск да падне во рацете на екстремисти. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан