• вторник, 05 ноември 2024

СИРИЗА достави амандман за задолжителен тест за невакцинираните и за влез во црквите

СИРИЗА достави амандман за задолжителен тест за невакцинираните и за влез во црквите
Атина, 4 ноември 2021 (МИА) – Преку амандман, опозициската СИРИЗА бара мерките за невакцинираните, односно задолжителниот тест за влез во речиси сите затворени простори, што стапуваат во сила во сабота, да се прошират и да важат и за религиозните објекти и црквите, јави дописничката на МИА од Атина. Според она што завчера го соопшти министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, мерките за невакцинираните не важат за маркетите, аптеките и црквите. Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, најавувајќи го доставувањето на амандманот, рече дека „веќе е јасно дека Владата ниту може, но ниту сака сериозно и одговорно да управува со пандемијата, бидејќи нејзиниот единствен критериум е политичката цена, а не човечкиот живот“. -Ако не може да ја поднесе политичката цена за тешки одлуки, го повторувам мојот предлог: да назначиме мала комисија од високо почитувани научници да ни посочат соодветни мерки и сите да ги прифатиме. Во секој случај, го повикувам господинот Мицотакис веднаш да одлучи дали ќе инсистира на популизмот или ќе се држи до логиката, рече Ципрас најавувајќи го амандманот на СИРИЗА Додаде дека, „во време кога сите броиме нови случаи и мртви, незамисливо е тој да брои гласови“. Грчкиот премиер Кријакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Мега“, за ставот на Ципрас и исклучувањето на црквите од новите мерки, објасни дека причината е што во религиозните објекти не постои начин да се проверуваат сертификати или негативни тестови. -Можеби господинот Ципрас никогаш не почувствувал потреба да влезе во црква, да запали свеќа. На врата нема некој да го провери, ако сака. Како и да е, ако имаше начин да се спроведе оваа мерка, ќе дискутиравме. Но, прашањето овде не се само црквите, туку политизација на пандемиското прашање, рече Мицотакис, додавајќи дека опозицијата „брка гласови“.ср/сд/

Остани поврзан