• петок, 20 декември 2024

СИПРИ: Нуклеарното вооружување напредува додека светот тоне сѐ подлабоко во војна

СИПРИ: Нуклеарното вооружување напредува додека светот тоне сѐ подлабоко во војна

Стокхолм, 17 јуни 2024 (МИА) - Како што растат глобалните геополитички тензии, нуклеарните сили ги модернизираат своите арсенали, наведуваат истражувачите на СИПРИ, повикувајќи ги светските лидери „да размислат повторно“.

-Нуклеарното оружје од Студената војна немало толку важна улога во меѓународните односи, рече Вилфред Ван, директор на Програмата за оружје за масовно уништување во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Деветте држави со нуклеарно оружје, Русија, САД, Франција, Индија, Кина, Израел, Велика Британија, Пакистан и Северна Кореја, го модернизираат својот нуклеарен арсенал, со неколку распоредени нови системи во 2023 година.

Во јануари, од околу 12.121 постоечки нуклеарни боеви глави во светот, приближно 9.585 беа достапни за потенцијална употреба. Околу 2.100 од нив биле држени на „висока оперативна готовност“ за балистички ракети. Речиси сите од нив се во арсеналот на Русија и САД, кои заедно поседуваат 90 проценти од светското нуклеарно оружје.

Сепак, за првпат СИПРИ предупредува дека Кина има „неколку боеви глави во состојба на зголемена оперативна готовност“, т.е. подготвени за употреба веднаш.

-Во моментов живееме во еден од најопасните периоди во човечката историја. Има многу извори на нестабилност: политички ривалства, економска нееднаквост  и забрзана трка во вооружување. Одиме кон пропаст и време е големите сили да се повлечат и да размислат. По можност заедно, предупреди Ден Смит, директор на институтот.

Според него, „вкупниот број на нуклеарни боеви глави продолжува да се намалува со постепеното демонтирање на оружјето од времето на Студената војна од страна на нуклеарните сили, но наместо тоа, од година во година, има зголемување на бројот на оперативни нуклеарни боеви глави“. Додаде дека тој тренд ќе продолжи и „веројатно ќе се забрза“ во наредните години. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан