• сабота, 21 декември 2024

СИПРИ: Воените трошоци во светот достигнаа ново рекордно ниво

СИПРИ: Воените трошоци во светот достигнаа ново рекордно ниво

Стокхолм, 24 април 2023 (МИА) - Глобалните воени трошоци достигнаа нов врв во 2022 година, објави стокхолмскиот меѓународен Институтот за мировни истражувања (СИПРИ), наведувајќи дека станува збор за раст на трошоците прилагодени според инфлацијата од 3,7 отсто, односно за овие цели се потрошени 2,24 трилиони долари.

Во 2022 година, европските земји забележаа најголем раст на потрошувачката во последните 30 години поради руската агресија врз Украина.

„Воените расходи во земјите од Централна и Западна Европа изнесуваат 345 милијарди долари. Во реална вредност, потрошувачката на овие земји по првпат ја надминува потрошувачката од 1989 година, на крајот на Студената војна и е за 30 отсто поголема од онаа во 2013 година“, се наведува во извештајот на СИПРИ, објавен на официјална веб-страница.

На глобално ниво, веќе осма година по ред земјите во светот продолжуваат да издвојуваат повеќе пари за војската од годината претходно. Институтот СИПРИ очекува дека овој тренд ќе продолжи и во наредните години, со оглед на моменталната безбедносна состојба.

Убедлив лидер во трошењето и понатаму се САД, а потоа следат Кина и Русија, кои поради војната скокнаа од петто на трето место на листата на земји со најголеми воени трошоци.

Украина забележа пораст од 640 проценти и сега е рангирана на 11-тото место, откако беше рангирана на 36-то место претходната година. Германија останува седма по пораст од 2,3 отсто. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан