• сабота, 21 декември 2024

„Симболи“ - изложба на Љупчо Бојаров во галерија „КО-РА“

„Симболи“ - изложба на Љупчо Бојаров во галерија „КО-РА“

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) -  Самостојна изложба на слики „Симболи“ од авторот Љупчо Бојаров ќе биде отворена на 14 ноември во 19 часот во галеријата „КО-РА“, (Голем салон) во Домот на култура „Кочо Рацин“ - Скопје. Изложбата е во рамки на културната понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028. 

Проектот е поддржан од Град Скопје и од Домот на култура „Кочо Рацин“ како дел од годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата и претставува збогатување на културната понуда за граѓаните и за сите посетители.

На изложбата Љупчо Бојаров ќе се претстави со триесетина дела изработени во техника – фузирано стакло.

Според авторот, делата ќе бидат претставени во три тематски целини: „Симболи во предели“, „Рановизантиски симболи“ - Симболи од четврти до шести век на територијата на  Северна Македонија и „Детали“ - Симболи од реконструираниот полилеј „Св. Димитрија“, Марков манастир во 2023 година. 

-Посебно ме воодушевува играта на светлината во насликаното стакло во колоритот што е карактеристичен за моето творештво. Можностите  што ги дава техниката на фузирано стакло се неограничени и ме радуваат идните резултати во оваа техника, изјави Бојаров по повод изложбата.

Љупчо Бојаров е роден на 16 август 1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година и оттогаш е член на ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Добитник е на многубројни награди меѓу кои се и наградите од меѓународен карактер, во земјава, во Чехословачка, Шведска и Италија.

Бојаров учествувал на  голем број групни изложби во земјава и надвор, на 158 групни и меѓународни групни изложби, во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, САД, Грција, Египет, Италија и во Бугарија. лв/мд/

 

Остани поврзан