• вторник, 29 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Сикорски: Ракетен напад врз цивили претставува воено злосторство 

Сикорски: Ракетен напад врз цивили претставува воено злосторство 

Луксембург, 14 април 2025 (МИА) - Напад со балистичка ракета врз цивили во центар на град на празникот Цветници, не може да се нарече поинаку освен воено злосторство, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, изразувајќи сочувство до блиските на 34-та загинати во рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми и посакувајќи им брзо закрепнување на стотината повредени. 

- Како што знаете сличен напад се случи и во Криви Риг непосредно пред тоа. Сега има толкувања дека овие настани се некаква грешка при нишанење. Ако напаѓате цивилни делови на градови, сигурно дека ќе убиете цивили. Кој е градот што требаше да биде погоден. Зарем треба да веруваме дека руските ракети се толку непрецизни, што не можат да го погодат вистинскиот град, рече вечерва Сикорски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката за проширување Марта Кос и албанскиот премиер Еди Рама по завршувањето на четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија. 

Според Сикорски, нападот врз Суми претставува циничен одговор на рускиот претседател Владимир Путин на „добрата волја на САД и на подготвеноста на Украина да се согласи на безусловен прекин на огнот“. 

- Од ова треба да извлечеме заклучоци. Имено, Русија се уште не се откажала од своите амбиции. Таа се уште сака да го ускрати правото на Украина да постои како независна нација и се уште сака да ја освои, рече шефот на полската дипломатија. 

Сикорски оцени дека кога говори за мир, Путин сака жртвата на неговата агресија Украина да капитулира.  

- Тоа нема да се случи. И за да го убедиме дека нема да се случи, треба да го зголемиме притисокот, истакна Сикорски, додавајќи дека се надева оти американскиот претседател Доналд Трамп ќе извлече вистински заклучок од овие настани. 

Сочувство за жртвите од рускиот напад изрази и албанскиот премиер Рама, која нагласи дека тоа што се случи на европска почва во Суми претставува воено злосторство. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан