Си-Би-Ес: Вашингтон преговара со Руанда за депортација на мигранти од САД во оваа африканска земја
- Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп преговара со Руанда за деталите за евентуален договор за преземање мигранти депортирани од САД, вклучувајќи Африканци и мигранти од трети земји, изјавија за Си-Би-Ес официјални претставници на САД и Руанда.
Вашингтон, 3 мај 2025 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп преговара со Руанда за деталите за евентуален договор за преземање мигранти депортирани од САД, вклучувајќи Африканци и мигранти од трети земји, изјавија за Си-Би-Ес официјални претставници на САД и Руанда.
Официјален претставник на Руанда рече дека одлуката за потенцијална финансиска компензација за прием на мигранти и други депортирани лица ќе биде детално разгледана во следните две недели.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави оваа недела дека активно бара земја што би прифатила мигранти депортирани од САД.
За преговорите меѓу САД и Руанда прв објави „Вашингтон пост“. Весникот, исто така, објави дека ирачки државјанин неодамна бил депортиран од САД во Руанда. Официјален претставник на Руанда потврди за Си-Би-Ес дека администрацијата на Трамп навистина ја извршила таа депортација.
Ел Салвадор постигна договор со администрацијата на Трамп за прифаќање на депортирани мигранти. Други земји, вклучувајќи ги Мексико и Панама, се согласија да прифатат депортирани мигранти од САД кои не се нивни државјани. рп/
Фото: МИА архива