• понеделник, 23 декември 2024

СЗО: Со уништувањето на Ал-Шифа е откорнато срцето на здравствениот систем во Газа

СЗО: Со уништувањето на Ал-Шифа е откорнато срцето на здравствениот систем во Газа

Женева, 2 април 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека уништувањето на болницата Ал-Шифа во Појасот Газа го „откорнало срцето“ на здравствениот систем во палестинската енклава. 

-Уништувањето на Ал-Шифа го откорна срцето на здравствениот систем. Тоа беше место каде што луѓето одеа да ја добијат грижата што ја обезбедува добар здравствен систем, што сите очекуваме да ја добиеме доколку ни треба, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис. 

По двонеделната операција израелските сили вчера ја напуштија болницата Ал-Шифа во градот Газа, во која беше уништен болничкиот комплекс, јавуваат британските медиуми.

Палестинската милитантна група Хамас објави дека по израелската операција биле пронајдени тела на луѓе со врзани раце и живи закопани, како и дека околните згради биле запалени и уништени, а цивили биле застрелани. 

Хамас ги повика меѓународните судски тела, особено Меѓународниот суд на правдата, да „поведат вистинска постапка за истрага на злосторствата извршени во болницата Ал-Шифа и нејзината околина и сите злосторства извршени во шестте месеци“.

Агенцијата Анадолија наведува дека за време на двонеделните напади на болницата, израелската армија убила повеќе од 200, а притворила повеќе од 900 Палестинци.сд/

фото:МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан