• недела, 22 декември 2024

Се очекува „Ер трактори“ да се вклучат во гаснењето на пожарот на планината Огражден, на границата со Бугарија

Се очекува „Ер трактори“ да се вклучат во гаснењето на пожарот на планината Огражден, на границата со Бугарија

Струмица, 13 јули 2024 (МИА) - Пожарот што избувна пред четири дена на планината
Огражден, над селото Бадилен, на територија на општина Ново Село, на границата со
Бугарија, се уште е активен и покрај напорите за негово гаснење од воздух и земја.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за попладнево најавија дека авионите за гаснење пожари „Ер трактори“ треба се упатат кон пожарот на планината Огражден.

- Се очекува по повлекувањето на двата авиона на Дирекцијата за заштита и
спасување (ДЗС) од планината Серта, заради исполнети 3,5 часа активно летање и дејство, по двочасовна пауза за полнење гориво, но и мини технички преглед, да се упатат за гаснење на пожарот на Огражден, во Општина Ново Село. Во текот на денешниот ден се дејствува и со пожарникари и други сили, но ограничено, поради тешко пристапниот терен, информираа од ЦУК за МИА.

Вчера и завчера пожарот го гаснеа хеликоптери на МВР и АРМ, заедно со 10
пожарникари од ТППЕ Струмица, членови на Ловното друштво „Елен“ од Ново Село и
локалното население.

Според информации од ТППЕ Струмица, пожарот зафатил околу 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума.

Пожарот засега се контролира од бугарската страна на границата, каде теренот е
попристапен. Таму може да се движи теренско противпожарно возило. рт/бак/


Фото: ЦУК

Остани поврзан