• понеделник, 23 декември 2024

Се испитува примерокот за мајмунски сипаници од сомнителен пациент

Се испитува примерокот за мајмунски сипаници од сомнителен пациент
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Во Институтот за јавно здравје во тек е испитувањето на примерокот земен од пациент од Кичево кој се води како сомнителен случај со мајмунски сипаници. Се очекува во текот на денот здравствените власти да информираат дали пациентот е заразен со мајмунски сипаници. Доколку се потврди, тоа ќе биде првиот регистриран случај во земјава. Во текот на вчерашниот ден до Институтот за јавно здравје беше доставен примерокот за тестирање.  Пациентот e од Кичево и тој пред неколку дена добил осип на телото, што е еден од симптомите на мајмунските сипаници. Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вчера изјави дека пациентот е во добра здравствена состојба. Вчера, состанок одржа и Комисијата за заразни болести која препорача воведување на изолација во домашни или болнички услови за сите сомнителни и потврдени случаи и секојдневно епидемиолошко следење на лицата кои имале контакт со потврдени случаи. – Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден, соопштија од КЗБ. Комисијата ја повтори и препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки. бак/нд/      

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан