Се збратимија општините Куманово и Гњилане
- Општините Куманово и Гњилане се збратимија, договорот го потпишаа вчера градоначалниците Максим Димитриевски и Љутфи Хазири во Занаетчискиот дом во пресрет на Денот на ослободување на градот.
Куманово, 11 ноември 2020 (МИА) - Општините Куманово и Гњилане се збратимија, договорот го потпишаа вчера градоначалниците Максим Димитриевски и Љутфи Хазири во Занаетчискиот дом во пресрет на Денот на ослободување на градот. Договорот, чијашто цел е соработка во различни области, е резултат на дводецениското пријателство.
Димитриевски рече дека за овој период покажале дека соработката е на највисоко ниво, за што потврдуваат и поголемиот број заеднички прекугранични проекти.
-Нашето семејство на збратимени општини е големо и во оваа прилика, сакам да ви посакам добредојде и на вас во ова големо семејство и сакам секогаш во Куманово да се чувствувате како дома, а ние како менаџери на градот, ја преземеме обврска за понатамошниот развој на нашите добри односи, се со единствена заедничка цел, создавање на мини регион за заедничка соработка на поголем регион на општините коишто ги покриваме, рече Димитриевски.
Градоначалникот на Гњилане, Хазири истакна дека со општина Куманово соработувале во најтешките денови и верувале во пријателството.
-Нашето збратимување дава пример и за соработка меѓу граѓаните, на локалната економија, земјоделството, образованието, нагласи градоначалникот на Гњилане.
Според договорот Општина Куманово и Гњилане ќе воспостават соработка во областа на културата, науката, образованието, туризмот, спортот.
Лани, двете општини реализираа проект за реконструкција на зелените пазари и поддршка на производителите на земјоделски продукти, годинава соработуваат на два проекти „Зајакнување на вредности на културно и природно наследство во општините“ и „Одржливи еколошки и здравствени придобивки од прекуграничната област“. Куманово преку овие два проекти ќе добие уреден простор околу Спомен Костурницата и ќе вложува во подземна инфраструктура.
Претходно, одлука за збратимување донесе Советот на општина Куманово.ам/бт/