• петок, 05 декември 2025

Сесија на ЕП во Стразбур – на агендата руските закани, Газа и гласањето недоверба на Еврокомисијата 

Сесија на ЕП во Стразбур – на агендата руските закани, Газа и гласањето недоверба на Еврокомисијата 

Стразбур, 6 октомври 2025 (МИА) - Руските прекршувања на воздушниот простор на ЕУ, напорите за мир во Газа и двете иницијативи за изгласување недоверба на Европската комисија се меѓу главните теми на дневниот ред на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур. 

Сесијата ќе започне доцна попладнево со дебата по двете иницијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен предложени од десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ) и екстремно левичарската Левица. На почетокот на дебатата по еден претставник на предлагачите ќе ги образложат инцијативите, по што се очекува пред европратениците да се обрати и Фон дер Лајен и да одговори на наводите во предлозите. 

Изјаснувањето на пратениците одвоено по двете иницијативи е предвидено за в четврток.  

По ова ќе следат дебати за улогата на политиките на ЕУ во „обликувањето на европскиот спортски модел“, за меѓугенерациска праведност во Европа и за ревизија на Механизмот за суспензија на визите. 

Утрешното продолжение на заседанието ќе започне со дебата насловена „Време е да заврши целосната интеграција на Единствен пазар: Клучот на Европа за раст и иден просперитет“. Дебатата се организира по повод годишнината од објавувањето на извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за конкурентноста на Унијата, во чии рамки европратениците со претставници на Советот на ЕУ и на Еврокомисијата ќе дискутираат за потребата од целосно заокружување на интегрираниот единствен пазар со цел да се поттикне поголем раст и просперитет. 

По ова ќе следи размена на мислења на европратениците со луксембуршкиот премиер Лук Фриден за предизвиците и иднината на ЕУ. 

Во попладневното продолжение на сесијата е предвидена расправа на европратениците со Советот на ЕУ и Еврокомисијата за улогата на Европската Унија во поддршката на неодамнешните мировни иницијатива за Газа и за решението за формирање две држави - Израел и Палестина. Зад идејата за организирање на оваа дебата стои минатонеделниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Газа. 

По ова е закажана дебата за Заедничката земјоделска политика на ЕУ, во чии рамки ќе се расправа за предложените мерки за поедноставување на правилата за земјоделство на Унијата и за начините за зајакнување на позицијата на земјоделците во снабдувањето со храна.  

Во продолжение европратениците ќе расправаат за растот на антисемитизмот во Европа, состојбата во Авганистан поврзана со положбата на жените и поддршката на реоните погодени од неодамнешните земјотреси, за Стратешкиот договор меѓу ЕУ и Индија и за политичката стратегија на Унијата кон Латинска Америка. 

Европскиот парламент денеска во рамки на овонеделната сесија во Стразбур ќе гласа за усвојување на Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.  

За утрешниот термин предвиден за гласање европратениците ќе се изјаснат по барањата за одземање на пратеничкиот имунитет на петмина нивни колеги, како и по неколку регулативи и извештаи, меѓу кои и за Ревизија на Механизмот за суспензија на визите, проширување на отстапувањата за тешки товарни возила од нулто ниво на емисии на штетни гасови и за улогата на политиките на ЕУ во обликувањето на европскиот спортски модел. 

В среда заседанието ќе започне со клучната дебата за оваа сесија на европратениците со претставници на Данското претседателство на Советот на ЕУ и на Европската комисија посветена на заедничкиот одговор на неодамнешните руски повреди на воздушниот простор и критичната инфраструктура на земјите членки на ЕУ. Од дебатата ќе произлезе резолуција по која европратениците ќе гласаат в четврток. 

По овонеделната клучна дебата предвидена е свечена седница на која европратениците ќе им се обрати премиерот на Гренланд, Јенс-Фредрик Нилсен. 

Попладнето сесијата ќе продолжи со тематска дебата на иницијатива на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) за иднината на автомобилската индустрија на Европа и предлогот за укинување на забраната за продажба на автомобили со внатрешно согорување во ЕУ, по што европратениците ќе расправаат и за дигиталните правила на Унијата, за идејата за основање на Европски работнички совети и за даночните правила на блокот. 

Во вечерниот термин в среда европратениците ќе дебатираат за Стратегијата на ЕУ кон иранската нуклеарна закана и за спроведувањето на санкциите на ЕУ кон Иран, за хуманитарната и безбедносна состојба на Хаити и за случаите на прекршување на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Екваторијална Гвинеја и Кина. 

В среда пратениците, меѓу другото, ќе гласаат и за измена на одредени регулативи поврзани со европската Заедничка земјоделска политика, за насоките за политиките за вработување на земјите членки, за Политичката стратегија на ЕУ кон Латинска Америка, како и за повлекување на Европската Унија од Меѓународната студиска група за гумата (ИРСГ). 

На последниот ден од заседанието в четврток европратениците ќе дебатираат за Декларацијата за принципите за рамноправноста на половите, за справување со социо-економските влијанија врз менталното здравје и за справување со ризиците со ширење на болести што се ги пренесуваат комарците и крлежите. 

В терминот предвиден за гласање в четврток покрај за двете иницијативи за недоверба на Еврокомисијата и за резолуцијата за заеднички одговор на неодамнешните руски повреди на воздушниот простор и критичната инфраструктура на земјите членки на ЕУ, европратениците, меѓу останато, ќе се изјаснат и по предлогот за основање и функционирање на европски работнички совети, за ситуацијата во Авганистан и за Декларацијата за принципите за родова еднаквост. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан