• вторник, 05 ноември 2024

Сер Елтон Џон полни 75 години

Сер Елтон Џон полни 75 години
Лондон, 25 март 2022 (МИА) - Британската поп-ѕвезда Елтон Џон денеска полни 75 години, и вети дека ќе продолжи да се занимава со музика. За да го одбележи својот роденден, тој првпат објави дигитално преработена верзија на неговиот албум „Diamonds: The Ultimate Greatest Hits“ на стрим-платформите. Огнениот поранешен „полковник Двајт“ стана неизоставен дел од музичката сцена од 1970-тите, со редица хитови меѓу коишто и - „Crocodile Rock“, „Candle in the Wind“ и „Rocketman“. Тој, исто така, водеше глобална истражувачка кампања за ХИВ / СИДА, собирајќи милиони фунти за добротворни цели. Пејачот и текстописец кој стана сер Елтон во 1998 година, кога ја доби  титулата витез од кралицата Елизабета Втора, вели дека не е носталгичен, но за него 75-от роденден е „важен настан“. - Денеска дефинитивно ќе најдам време „да ги средам сметките“ и да ѝ се заблагодарам на мојата среќна ѕвезда за моето прекрасно семејство, пријателите и работата, додаде тој. - Се чувствувам неверојатно среќен што на 75 години сè уште толку многу го сакам тоа што го работам - сè уште сум толку енергичен во музиката и возбуден сум што можам да свирам, слушам и говорам за тоа секој ден! Тој во мигов е на турнејата „Farewell Yellow Brick Road“, која предвидува над 300 концерти ширум светот, коишто почнаа во 2018 година. - Возбудата од свирењето во живо е исто толку неверојатна како што беше пред 50 години... Имам уште многу да пренесам на новата генерација обожаватели и уметници и решен сум да продолжам да придонесувам за индустријата што ми даде толку многу, истакна сер Елтон. Музичарот продаде повеќе од 300 милиони плочи ширум светот, а минатиот месец, првпат по 16 години го освои синглот број 1 во Велика Британија, со песната „Cold Heart“, инаку дует со пејачката Дуа Липа.  си/ https://www.youtube.com/watch?v=qod03PVTLqk

Остани поврзан