Серија израелски воздушни напади врз Кан Јунис
- Серија израелски воздушни напади денеска беа изведени врз источниот град Кан Јунис во Појасот Газа, а очевидци изјавија дека целите на постојаното гранатирање и беспилотни летала биле остатоци од станбени згради и земјоделско земјиште надвор од таканаречената „жолта линија“ до која се повлекла израелската армија.
Газа, 1 ноември 2025 (МИА) - Серија израелски воздушни напади денеска беа изведени врз источниот град Кан Јунис во Појасот Газа, а очевидци изјавија дека целите на постојаното гранатирање и беспилотни летала биле остатоци од станбени згради и земјоделско земјиште надвор од таканаречената „жолта линија“ до која се повлекла израелската армија.
Локални жители изјавија за Ал Џезира дека е исклучително тешко да се соочат со новата реалност, особено откако се вратиле во своите домови во Газа, во близина на „жолтата линија“.
Цивилната одбрана на Газа соопшти дека нивните членови се обидуваат да стигнат до некои локации во близина на оваа линија, но тоа е многу тешко поради постојаните израелски воздушни напади и напади со беспилотни летала.
Во меѓувреме, Министерството за здравство на Газа потврди дека петмина Палестинци се убиени во израелските напади во последните 24 часа, а екипите за цивилна одбрана успеаја да ги пронајдат телата на 22 лица кои загинаа во претходните израелски напади.
Израел доби одобрение од САД, Египет и Катар да напаѓа цели на Хамас на израелската страна од таканаречената „Жолта линија“, која ја дели зоната контролирана од Израел од де факто Појасот Газа управуван од Хамас, откако истече рокот за Хамас да ги повлече своите борци од источниот Појас Газа, изјави во четвртокот неименуван американски функционер за „Тајмс оф Израел“.сд/
фото:МИА архива