• петок, 22 ноември 2024

Сенатот разгледува предлог закон за реформи во изборниот систем на САД 

Сенатот разгледува предлог закон за реформи во изборниот систем на САД 

Вашингтон, 11 мај 2021 (МИА) - Во Сенатот денеска се водат дискусии околу изборните правила и предизборните кампањи. Демократите се обидуваат да претстават обемен нацрт закон за поедноставување на гласањето, додека државите контролирани од републиканците воведуваат разни нови ограничувања, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Сенатскиот Комитет за административни прашања денеска го разгледува нацрт законот во должина од 886 страници подготвен од демократите со учество на изборните комисии на одделни сојузни држави. 

Нацрт законот, меѓу другото, предвидува широки можности за гласање преку пошта, применувана практика за време на претседателските избори лани поради пандемијата на коронавирус. Се предлага и зголемени рокови за нормално гласање. 

Лидерите на двете партии присуствуваа на заседанието на комитетот и тоа укажува колку големо значење има овој предлог закон за нив, посебно кога се прават подготовки за среднорочните избори во 2022 година. 

Додека демократите бараат поедноставување на гласањето и полесен пристап, републиканците се против ваква либерализација на изборниот систем. Мич Меконел, лидер на сенатското малцинство, изјави дека нацрт законот претставува обид за крадење на власта од страна на демократите. 

-Овој нацрт закон им дозволува на вашингтонските демократи да диктираат услови за своите предизборни трки, препишувајќи ги законите за избори во сите 50 држави, изјави Меконел. 

Тој се плаши дека предлозите на демократите можат да водат кон фалсификат бидејќи се предвидуваат поедноставни процедури за идентификација и во некои случаи се дозволува подигање и поднесување туѓи гласачки ливчиња, на пример кога избирачите се на адреси во далечни области или старечки домови. 

Овој закон тешко би бил усвоен во Сенатот бидејќи за тоа ќе бидат потребни и најмалку десет гласови на републиканците. 

Минатата недела Флорида воведе нови ограничувања за гласање преку пошта. Тексас исто така ќе воведен нови контроли при гласањето. Во Џорџија, на пример, беше усвоен нацрт закон подготвен од републиканците што вклучува забрана да се дава храна и вода на луѓето кои чекаат на ред да гласаат пред гласачките места. кб/  

Остани поврзан