• сабота, 23 ноември 2024

Сенатори со писмо до Бајден за спорот со Кристалина Георгиева од ММФ

Сенатори со писмо до Бајден за спорот со Кристалина Георгиева од ММФ
Њујорк, 28 септември 2021 (МИА) - Високи американски сенатори повикуваат на „целосна одговорност“ во врска со спорот за фалсификувани податоци на Светска банка (СБ), во кој е вклучена Кристалина Георгиева, директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Сенатот на САД, демократот Роберт Менендез и Џејмс Рич, највисоко поставениот републиканец во Комисијата, испратија писмо до претседателот Џо Бајден. Тие го повикуваат да му нареди на Министерството за финансии на САД да „обезбеди целосна одговорност“ со потребната трудољубивост и брзина. Директорката на ММФ ги отфрли обвинувањата од независниот извештај за нејзината наводна улога во скандалот со местење податоци поврзани со Кина во времето кога таа беше извршен директор на Светската банка, наведувајќи дека постојат „фундаментални грешки“ и „замена на тези“. Таа ја обвини Канцеларијата на поранешниот претседател на Светска банка Џим Јонг Ким за манипулација, тврдејќи дека понудила да ги вклучи податоците од Хонг Конг во рејтингот на Кина во годишниот извештај „Doing Business“ за 2018 година, со цел Кина да биде на седмото место. Георгиева се соочува со повици да поднесе оставка поради извештајот подготвен од адвокатската канцеларија Вилмер Хејли на барање на етичката комисија на банката. Во извештајот се наведува дека лидерите на Светската банка, вклучително и Георгиева, извршиле „несоодветен притисок“ врз своите вработени со цел да го подобрат рангот на Кина во извештајот на банката „Дуинг бизнис 2018“. Извештајот предизвика загриженост поради влијанието на Кина врз Светската банка, одлуките на Георгиева и тогашниот претседател на Светската банка, Џим Јонг Ким. По објавувањето на извештајот, Светска банка го суспендираше објавувањето на „Doing Business“ листа за деловна клима. Потпретседателот на Европската комисија (ЕК) Валдис Домбровскис вчера се сретна со Кристалина Георгиева во Вашингтон. Потоа тој објави твит како поддршка за неа. „Секогаш е убаво да се види (Кристалина) Георгиева од ММФ. ММФ покажа вистинско лидерство во распределбата на монетарните резерви на земјите -членки", напиша Домбровскис. паг/          

Остани поврзан