• петок, 22 ноември 2024

Семејството на Ди Марија доби смртни закани

Семејството на Ди Марија доби смртни закани

Росарио, 26 март 2024 (МИА) - Семејството на аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија добило смртни закани поради негови изјави поврзани со наркотици во родниот град Росарио.

Пред неколку дена, Ди Марија зборуваше за шверцот со дрога и други наркотици кои се случуваат во неговиот роден град.

- Таму живеат моите родители и сестрите, па тоа што се случува многу ме погодува. Ова е многу шокантно. Но, секогаш има желба и надеж, изјави Ди Марија.

Приближно во 2:30 часот по локално време, автомобил се упати до куќата во која обично престојува фудбалерот кога доаѓа во Аргентина. Луѓето од автомобилот оставија порака: „Кажете му на вашиот син Анхел да не се враќа во Росарио. Ако не послуша, ќе убиеме некој од неговото семејство. Дури ни гувернерот нема да ве спаси. Ние не расфрламе мали парчиња хартија, туку мртви луѓе, порачаа заканувачите.

Додека автомобилот со голема брзина се оддалечувал од куќата, се слушнале четири истрели.

Ваквите закани често се шират во Росарио, особено откако гувернерот Масимилијано Пуљаро ја започна борбата против таканаречениот „наркотероризам“.

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони изјави дека разговарал за тоа што се случило со Ди Марија. Според Скалони, крилниот напаѓач ќе стартува за натпреварот на Аргентина против Костарика и покрај инцидентот. 

Ди Марија ја започна својата кариера во Росарио Централ. Тој беше во клубот од 2001 до 2007 година. Во моментов Ди Марија е член на Бенфика со која има договор до 30 јуни. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан