• понеделник, 23 декември 2024

Секизќок: Турција очекува Северна Македонија да протера лица и да затвори училишта поврзани со ФЕТО

Секизќок: Турција очекува Северна Македонија да протера лица и да затвори училишта поврзани со ФЕТО
Скопје, 14 јули 2022 (МИА) – Турција очекува Северна Македонија да одговори на нејзините барања за екстрадиција на речиси 80 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, одговорна за обидот за државен удар во Турција пред шест години, како и да затвори три училишта во Скопје, Тетово и Струга кои се поврзани со таа организација, рече турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок на прес-конференција по повод настаните од 15 јули 2016, кој во Турција се одбележува како Ден на демократија и национално единство. -ФЕТО е терористичка организација која ѝ припаѓа на новата генерација терористички структури. За стратегија го имаше инфилтрирањето во државните институции со цел преземање на државата под контрола однатре. ФЕТО во државните институции си поставуваше свои млади припадници манипулирани низ дејствија зад превез на образовни и хуманитарни активности. ФЕТО  преку своите паравански структури од областа на образованието, медиумите, банкарството и останатите области од економијата настојуваше да оформи структура во Турција и во разни странски земји. Борбата против ФЕТО во земјата и во странство во изминатите шест години беше еден од приоритетите на државата, рече турскиот амбасадор. На соговорниците на највисоко ниво во други земји, рече тој, им објаснуваат дека ФЕТО е закана и за земјите во кои дејствува и дека се почнати правни процеси во врска со структурите на ФЕТО во странство и согласно спроведените истраги во Турција, до други земји се доставени барања за протерување и екстрадиција, а се замрзнуваат и имотите на лицата и институциите кои финансиски го поддржуваат ФЕТО. Турција ја продолжува и иницијативата за затворање на образовни институции поврзани со ФЕТО во странство и нивно пренесување во сопственост на Турската државна фондација МААРИФ. Како што рече, во 45 земји им е ставен крај на дејностите на образовните институции на ФЕТО, над двесте училишта во 20 земји се преземени од фондацијата МААРИФ која отвори училишта и во Северна Македонија. -За жал, ФЕТО е сѐ уште присутна во Северна Македонија. Постојат три училишта поврзани со ФЕТО кои зад превезот на образовни институции, дејствуваат во Скопје, Тетово и Струга. Очекуваме Северна Македонија да ги затвори овие училишта и тие да се пренесат во сопственост на фондацијата МААРИФ. Исто така и да се преземат конкретни чекори за протерување од земјата на лицата поврзани со ФЕТО. До македонските власти имаме барање за протерување и екстрадиција на близу 80 лица. Овие барања ги истакнуваме при контактите на највисоко ниво. Засега нема конкретни чекори, но тоа не значи дека за нас таа тема е затворена. Минатата година при поставување пратенички прашања до Владата беше поставено конкретно прашање на кое добивме писмен одговор што не беше задоволителен и беше полн со сиви зони. Можеби треба да се постави прашањето дали властите на Северна Македонија сакаат сериозно да се посветат на ова прашање и дали има конкретни пречки за тоа. Имаме исклучителни билатерални односи помеѓу нашите земји и затоа сметам дека и македонската страна треба да ја има предвид сензитивноста на темата и меѓународните обврски што ја тангираат. Очекуваме соработка од сите земји во насока на борба со секаков вид тероризам, истакна амбасадорот. Секизќок  рече дека Турција го одбележува 15 јули - Денот на демократија и национално единство во сеќавање на обидот за државен удар во 2016 година од припадниците на ФЕТО инфилтрирани во турските воени сили кога, како што рече, 251 турски граѓанин си ги положија животите во одбрана на татковината, а над две илјади беа ранети. -Обидот за државен удар беше оневозможен со покажаниот отпор под водство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и одлучниот и непоколеблив став на безбедносните сили и турскиот народ. Битно е да не се заборави овој обид за државен удар и со таа цел ја одржуваме оваа прес-конференција по повод шестата годишнина од обидот за преврат, рече амбасадорот Секизќок. хс/бак/

Остани поврзан