• сабота, 23 ноември 2024

Северна Кореја: Заедничките вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија вовед во азиската верзија на НАТО

Северна Кореја: Заедничките вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија вовед во азиската верзија на НАТО
Пјонгјанг, 29 јуни 2022 (МИА) - Заедничките вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија имаат „злобна цел“ кон Северна Кореја и се дел од опасниот вовед во создавањето на „азиската верзија на НАТО“, објави денеска севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.
Извештајот на КЦНА беше објавен неколку часа пред лидерите на Јужна Кореја и Јапонија за првпат да присуствуваат на годишниот самит на НАТО како набљудувачи.
Тие треба да се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден за да разговараат за Северна Кореја, што е прв таков трилатерален самит од 2017 година.
Трите земји имаат намера да спроведат заедничка вежба за откривање и следење проектили во близина на Хаваи во август, наречена „Пацифички змеј“.
„САД стануваат тврдоглаво ориентирани кон воена соработка со своите марионети, игнорирајќи го примарното безбедносно барање и загриженоста на азиско-пацифичките земји“, објави КЦНА.
Наведено е и дека „планот за формирање на воениот сојуз САД-Јапонија-Јужна Кореја, мотивиран од инвестицијата на Токио и Сеул во Вашингтон“ е опасен вовед во создавањето на „азиската верзија на НАТО“, која „поттикнува нова Студена војна“.
Северна Кореја изврши рекорден број ракетни тестови оваа година, вклучувајќи ја и нејзината најголема интерконтинентална балистичка ракета, а постои загриженост дека би можела да тестира нуклеарно оружје, првпат од 2017 година.
Јужна Кореја и Јапонија се сојузници на Соединетите Американски Држави, но нивните меѓусебни односи се оптоварени со минатите тензии околу јапонската окупација на Кореја од 1910-1945 година.
Вашингтон ги повика Сеул и Токио да соработуваат повеќе во однос на заканите од Северна Кореја, како и да се спротивстават на зголеменото влијание на Кина. паг/
   

Остани поврзан