СДСМ: Трошоците за живот вртоглаво растат, основните производи станаа луксуз за многу семејства
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 9 јануари 2025
Последните податоци на Државниот завод за статистика уште еднаш ја потврдуваат тешката економска реалност во која живеат нашите граѓаните.
Инфлацијата продолжува да расте, граѓаните имаат сè помалку пари во своите џебови.
Според податоците на Статистика, трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4% во споредба со истиот месец една година порано. Цените на основните производи пораснале за 4,3%. За илјадници семејства, тоа значи дека основните животни потреби стануваат недостапни. Месечната плата не е доволна ниту за најосновните трошоци.
Владата на ДПМНЕ не само што не реагира, туку активно придонесува за овој хаос и е директен соучесник во масовниот грабеж на граѓаните. Таканаречените „новогодишни кошнички“, кои требаше да донесат олеснување, завршија како фарса. Имено, цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени за 10%, биле зголемени за 397 денари.
Основните производи не само што не поевтинија, туку станаа луксуз за многу семејства. Зејтинот, јајцата, млечните производи, сѐ е поскапено, а во исто време нема раст на платите.
Само во изминатите неколку месеци, од џебовите на граѓаните се одлеани десетици милиони евра во интерес на големите трговски синџири.
Владата на ДПМНЕ покажа целосна неспособност да управува со економијата и со тоа ги остави работниците, граѓаните и семејствата незаштитени.
Платите стагнираат, трошоците растат, и граѓаните се соочуваат со избори кои не треба да ги прават – дали да купат храна или да платат сметки.
Во меѓувреме, профитираат бизнис партнерите на власта и големите трговски синџири. Ова е директен резултат на економските политики што се водат – политики кои не се за граѓаните, туку за интересите на малкумина.
Оваа ситуација е неодржлива. Потребни се итни и храбри чекори за да се врати контролата врз цените и да се заштити животниот стандард. Потребно е Владата веднаш да ги прифати мерките на СДСМ, кои се насочени кон вистинско решавање на кризата. Само преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, воведување контрола на цените и зголемување на минималната плата ќе се намалат финансиските маки на граѓаните. Минималната плата мора да се покачи на 500 евра. Сѐ помалку од тоа е понижувачки за граѓаните.
Почитувани, сегашната состојба е неприфатлива и неодржлива за граѓаните. Животот во Македонија не треба да биде борба за основна егзистенција. Време е за промени – реални, системски и веднаш применливи мерки кои ќе ги стават граѓаните, а не привилегираните, на прво место.
Граѓаните заслужуваат власт која вистински ќе се грижи за нивните потреби, а не за профитите на големите трговци и бизнис партнери.
Одговори на новинарски прашања:
СДСМ најостро ги осудува провокациите и најавите за панихиди за Мара Бунева
Најавите за панихиди за Мара Бунева во земјава СДСМ ги смета за провокација којашто најостро ја осудуваме. Очекуваме институциите на државата да не дозволат било какви испади или навреди на достоинството и националните чувства на македонскиот народ, ниту пак да дозволат злоупотреба на овие настани за нови тензии.
СДСМ предлага серија на итни мерки за борба против загадениот воздух
Борбата против загадувањето е долг процес кој бара стратешки пристап, континуирана посветеност и сериозни институционални мерки. За жал, повеќе од шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста, сведоци сме на недостиг од акција и преземање мерки.
Скопје, Тетово, Куманово, Битола и други македонски градови постојано се на листата на најзагадени градови. Според Светската банка, загадувањето годишно одзема живот на 2.800 наши сограѓани. Овие алармантни податоци бараат итни институционални чекори, кои за жал целосно изостануваат.
Ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за милијарда евра за чист воздух, за намалувањето на загадувањето за 50% се покажаа како голема лага.
СДСМ, како одговорна партија, предлага серија итни мерки за справување со загадувањето на воздухот:
1. Да се донесе итно Програма за чист воздух во Министерството за животна средина. Со субвенции за домаќинствата за замена на нееколошките системи за затоплување, како и за градинките, училиштата и јавните објекти да преминат на чисти технологии. По примерот на Програмата за воздух која владата на СДСМ успешно ја спорведуваше неколку години.
2. Интензивни инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии: инсталации, сервиси, диви депонии и стрништа. Контролите врз индустријата мора да продолжат.
3. Подобрување на градежната пракса, со контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување.
4. Интензивни активности за зголемување на јавната хигиена: со миење на улиците, чистење на дивите депонии и собирање на отпадот.
5. Засилена контрола на техничката исправност на возилата, особено дизел-возилата.
6. Работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување.
7. Да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено, со скратена работа од 11:00 до 17:00 часот.
8. Да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо загадување.
Загадениот воздух не е само статистика, туку директно влијае врз животите на сите нас. Одговорноста е кај власта и ДПМНЕ мора да ги промени погрешните политики и да почне нешто да презема.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ, прес-конференција на Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: СДСМ