• недела, 22 декември 2024

СДСМ: Изборот е пред Мицкоски, ќе ја поддржи државата или ќе биде деструктивниот политичар

СДСМ: Изборот е пред Мицкоски, ќе ја поддржи државата или ќе биде деструктивниот политичар

Скопје, 29 јуни 2023 (МИА) - На Мицкоски му беше јасно понудено, прво заедно да ги изгласаме уставните измени, а потоа да се спроведат парламентарните избори. Мицкоски има единствена прилика да се приклучи на процесот на реализација на стратешката цел - членство во ЕУ. Ако ја прокоцка и оваа шанса, тогаш дефинитивно ќе биде запамтен како заложник на Апасиев, како политичар кој секогаш, без исклучок, не поддржал ниту една одлука за иднината на земјата и правел се за да го закочи напредокот на државата. Изборот е пред Мицкоски, ќе ја поддржи државата или ќе биде деструктивниот политичар, кој наместо за државните и националните, работел за нечии туѓи интереси, соопшти СДСМ, реагирајќи на вечерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој во телевизиско гостување рече дека од денеска единствената опција што ја нуди неговата партија се предвремени избори.

Според СДСМ, пречестото менување ставови од страна на Мицкоски за европската иднина на земјава, за македонскиот јазик, не говори добро за него и покажува дека можеби е целосно загубен. 

-Ако не е голема работа признавањето на македонскиот јазик во ЕУ чуму беа лагите, протестите и хистериите за бугаризација и асимилација? Пречестото менување ставови од страна на Мицкоски, за европската иднина на земјава, за македонскиот јазик, не говори добро за него и покажува дека можеби е целосно загубен. Но, тоа е негов проблем. Нека се стабилизира и нека се пресмета, наведува СДСМ.

Партијата го коментира и ставот на Мицкоски за германската поддршка.

-Секој кој барем малку ѝ мисли добро на македонската држава и на македонскиот народ искрено ја поздравува и се заблагодарува на силната и јасна поддршка од Германија и канцеларот Олаф Шолц за земјава и за македонскиот идентитет. Тоа не е случај со Христијан Мицкоски и ДПМНЕ. Само Бугарија и Мицкоски се на иста страна, незадоволни од поддршката на Германија. Тоа што Мицкоски ја потценува силната поддршката на Германија и Шолц зборува за него, нагласува СДСМ. мч/лв/


 

 

Остани поврзан