• петок, 22 ноември 2024

СДА Македонија го одбележа Денот на Бошњаците во Северна Македонија

СДА Македонија го одбележа Денот на Бошњаците во Северна Македонија

29 септември 2024 

Денот на Бошњaците, кој е и официјален национален празник на припадниците на бошњачкиот народ во Северна Македонија, синоќа беше одбележан со свеченост во хотелот Холидеј Ин, во Скопје, во организација на Странка за демократска акција (СДА) на Македонија.

Меѓу присутните на прославата беа истакнати личности од јавниот живот, претставници на дипломатскиот кор, политички партии, пратеници во државниот парламент и претставници на граѓанскиот сектор.

На присутните им се обрати претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, кој потсети на важноста на бошњачкиот Сабор одржан на 28 септември 1993 година во опколеното Сараево и на одлуката за враќање на историското име „Бошњак“ и историското име на јазикот „босански“.

Хоџиќ истакна дека интересите на бошњачкиот народ се компатибилни со интересите на Северна Македонија, а тоа се: негување на демократските вредности, членство во НАТО и ЕУ, економски развој во мир и стабилност. Претседателот Хоџиќ зборуваше и за улогата на СДА Македонија во интеграцијата на Бошњаците во македонското општество.

На прославата се обрати и Венко Филипче, претседател на СДСМ, кој им го честиташе 28 септември на Бошњаците, а потоа го истакна конструктивниот придонес на СДА Македонија во остварувањето на членството на Северна Македонија во НАТО алијансата и развојот на македонското општество. Филипче наведе дел од реализираните успешни политики кои се од директна корист за бошњачката заедница во земјава.

Претседателот на СДА Македонија, г. Хоџиќ, заедно со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, испратија порака дека следна стратешка цел на Северна Македонија е членството во Европската Унија, како следен чекор по членството во НАТО. И дека и СДА на Македонија и СДСМ ќе инсистираат на евроинтеграции.

Во убава и празнична атмосфера присутните продолжија да се дружат со одлична музика во изведба на гудачки квартет, предводен од Пламенка Трајковска.

Странка за демократска акција (СДА) на Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан