• недела, 22 декември 2024

Свиркач во судската постапка против „Боинг“ пронајден мртов

Свиркач во судската постапка против „Боинг“ пронајден мртов

Чарлстон, 12 март 2024 (МИА) - Поранешниот вработен во американскиот производител на авиони Боинг, Џон Барнет, познат по тоа што ја алармираше јавноста во врска со стандардите за производство во компанијата, е пронајден мртов во САД.

Судскиот лекар од округот Чарлстон, Јужна Каролина, рече дека Барнет (62) починал од рани кои сам си ги нанел на 9 март, а полицијата го истражува случајот.

Барнет работеше за Боинг 32 години, од кои последните седум како менаџер за квалитет на „787 Dreamliner“, а се пензионираше во 2017 година од здравствени причини. Пред неговата смрт, тој сведочеше во судскиот процес против Боинг, наведува Би-Би-Си.

Во 2019 година, Барнет изјави за Би-Би-Си дека работниците, под притисок, намерно вградувале делови во авионите кои се под стандардниот квалитет. Тој, исто така, рече дека открил сериозни проблеми со системите за кислород, што може да значи дека една од четири маски за дишење нема да работи во итен случај.

Барнет подоцна тврдеше дека работниците не ги почитувале процедурите наменети за следење на компонентите низ фабриката, дозволувајќи им на неисправните компоненти да исчезнат. Тој посочи дека во некои случаи неквалитетните делови дури се отстранувале од корпите за отпад и се ставале во авиони кои биле изградени за да се спречи доцнење на производната линија.

Тој тврдеше дека ги предупредил своите претпоставени за проблемите што ги открил, но дека ништо не е преземено за тоа.

Иако Боинг ги негираше неговите тврдења, прегледот од 2017 година од страна на американскиот регулатор за воздухопловство, Федералната управа за авијација (FAA), потврди некои од грижите на поранешниот менаџер.

Откако се пензионираше, Барнет започна долготрајна судска постапка против компанијата. Тој го обвини Боинг дека го омаловажувал и ја закочил неговата кариера поради проблемите што ги посочи, обвинение кое Боинг го негираше. Во моментот на неговата смрт, Барнет бил во Чарлстон и спроведувал правни интервјуа поврзани со случајот.

Минатата недела тој даде официјална изјава при што беше испрашуван од адвокатите на Боинг, пред да биде вкрстено испрашуван од неговиот бранител. Сослушувањето требало да продолжи во сабота, но тој бил пронајден мртов во својот камион на паркингот на хотелот каде што престојувал. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан