Свечено затворен ЕМОФ 2025
- Со присуство на спортистите учесници на платото пред СЦ „Јане Сандански“ вечерва во Скопје е затворен Европскиот младински олимписки фестивал 2025.
Скопје, 26 јули 2025 (МИА) – Со присуство на спортистите учесници на платото пред СЦ „Јане Сандански“ вечерва во Скопје е затворен Европскиот младински олимписки фестивал 2025.
На присутните им се обрати претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски кој изрази надеж дека многу од спортистите кои настапија во Скопје и Куманово, ќе бидат идни спортски ѕвезди.
- Вие сте иднината и сегашноста. Се заблагодарувам за вашата посветеност и прекрасна изведба. Многу сум благодарен што го овозможивте овој настан. Поставивте многу олимписки, светски, европски и лични рекорди и сето ова ќе биде запишано во историјата на ЕМОФ Скопје. Македонија е мала земја, но со големо срце, истакна Димевски.
Претседателот на Европскиот олимписки комитет Спирос Капралос им се заблагодари на сите вклучени во организацијата на ЕМОФ.
-Со длабока емоција можам да кажам дека направивте се. Вашите перформанси беа гледани ширум Европа. Благодарност до сите 4000 спортисти кои учествуваа во 15 спортови. 40 од 49 национални олимписки комитети кои се натпреваруваа овде добија медали, што покажа дека спортот се движи во добра насока во цела Европа. Условите во спортските објекти беа одлични. Имавме мали проблеми со времето, бидејќи беше премногу жешко, но тоа е проблем сега поради климатските промени и не можеме да преземеме нешто околу тоа. Покажавте дека не ви е важна само победата, туку и почитта кон противникот. Многу од вас во иднина ќе бидат Олимпијци. Благодарност до сите во организацијата, особено до волонтерите кои целосно беа ставени во функција на спортистите. На крајот на денот морам да кажам дека ова беше екстремно успешен Европски младински олимписки фестивал. Го прогласувам ЕМОФ 2025 за затворен рече Капралос.
Домаќин на следниот, 19-ти ЕМОФ ќе биде Италија која со 50 медали, од кои 19 златни беше најуспешна на Фестивалот во Македонија. зс/