• понеделник, 23 декември 2024

Свечена заклетва на 27. класа питомци и на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери

Свечена заклетва на 27. класа питомци и на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Заменик министерот за одбрана Тирон Јајага денеска присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод заклетва на 27. класа питомци и слушатели на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за потребите на Армијата во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.

Во своето обраќање пред присутните, соопштија од Министерството за одбрана, Јајага истакнал дека и питомците и слушателите на Курсот за офицери кои денеска дадоа свечена заклетва, започнуваат да чекорат по нова патека која е препознатлива по својата стручност, стандарди, дисциплина, но и дека со нивниот интерес да се приклучат во редовите на Армијата покажуваат дека неизмерно ја сакаат својата татковина.

Тој додал дека токму тука на оваа престижна институција, Воената академија, на која се школуваат и питомци од Босна и Херцеговина од Косово и од Црна Гора, ќе се формираат во вистински лидери.

- Во периодот што следува ќе научите многу за воената професија и вашите видици ќе ги проширите во поглед на заштитата и безбедноста. Вие, ќе се соочите со разни предизвици при вашето образование кои ќе ве оформат во вистински лидери. Лидери кои знаат како да се грижат за безбедноста и мирот на своите граѓани и држава, но и пошироко, потенцирал заменикот министер Јајага.

Деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски упатил честитки до секој поединец за храброста и одлучноста да се избере патот на воената професија, уникатна можност која не е лесно достапна за другите. 

- Ви посакувам успех во школувањето, непоколеблива решителност во извршување на задачите и постигнување на извонредност, дисциплина и почит кон вашите професори, претпоставени и колеги, кои целата своја кариера ја посветиле на образовниот процес, чиј дел сте и вие сега, рекол полковникот Богдановски.

На денешната свеченост присуствувал и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал Симеон Трајковски, претставници од воено дипломатскиот кор, гости од Босна и Херцеговина и Црна Гора и роднини и пријатели на питомците и слушателите.

Оваа година на воената академија Генерал „Михаило Апостолски“ како дел од 27. класа се запишани 41 питомец од кои 34 од Северна Македонија (21 мажи и 13 жени), 4 питомци од Босна и Херцеговина и 3 питомци од Црна Гора, а на курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за потребите на Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат 30 слушатели од кои 19 мажи и 11 жени. цр/ев/

Фото: МО

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан