• недела, 22 декември 2024

Саудиска Арабија погуби 170 луѓе во 2023 година

Саудиска Арабија погуби 170 луѓе во 2023 година

Ријад, 1 јануари 2024 (МИА) – Саудиска Арабија изврши 170 смртни казни во 2023 година, повеќе од 2022, јавија некои светски агенции повикувајќи се на сопствена анализа на изјавите на саудиските власти.

Од 1 јануари 2023 година до 31 декември 2023 година, во саудиското кралство биле егзекутирани 170 осуденици на смрт. Во 2022 година биле егзекутирани 147 лица. Рекордни 187 егзекуции биле регистрирани во 2019 година.

Последните егзекуции за оваа година беа извршени вчера. Извршени се смртните казни на Саудијците осудени за убиство, соопшти саудиското Министерство за внатрешни работи, цитирано од саудиската новинска агенција СПА.

Меѓу 170-те егзекутирани, има 33 осудени за тероризам и двајца војници осудени за предавство.

Во 2022 година, Саудиска Арабија егзекутираше 147 лица, од кои 81 во ист ден што предизвика бран незадоволство низ целиот свет.

Активистите за човекови права редовно ги критикуваат егзекуциите во Саудиска Арабија, кои обично се извршуваат со обезглавување. Но, саудиските власти велат дека смртните казни се во согласност со исламскиот верски закон и неопходни за зачувување на јавниот ред.

Саудиска Арабија, заедно со Кина и Иран, е во првите три земји со најмногу егзекуции во светот, тврдат организациите за заштита на човекови права. јт/

Остани поврзан