Саудиска Арабија: Израел го покажува својот екстремизам со забраната за влез на арапските министри во Западниот Брег
- - Израелското одбивање да дозволи посета на делегацијата на Западниот Брег е доказ за неговиот екстремизам и негова неподготвеност за сериозни мировни обиди. Ова само ја зајакнува нашата решеност да ги удвоиме дипломатските напори на меѓународно ниво за справување со оваа ароганција, изјави принцот Фејсал.
Ријад, 2 јуни 2025 (МИА) - Саудискиот министер за надворешни работи принц Фејсал бин Фархан Ал-Сауд оцени дека одбивањето на израелската влада да дозволи влез на делегација од арапски министри на окупираниот Западен Брег претставува „екстремизам и отфрлање на мирот“.
Изјавата беше дадена на вчерашната заедничка прес-конференција во Аман со неговите колеги од Јордан, Египет и Бахреин, откако се состанаа во рамки на арапската контакт група што планираше средба со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Рамала.
- Израелското одбивање да дозволи посета на делегацијата на Западниот Брег е доказ за неговиот екстремизам и негова неподготвеност за сериозни мировни обиди. Ова само ја зајакнува нашата решеност да ги удвоиме дипломатските напори на меѓународно ниво за справување со оваа ароганција, изјави принцот Фејсал.
Израелските власти во саботата соопштија дека нема да дозволат одржување на планираниот состанок, кој беше закажан за вчера, а на кој требаше да присуствуваат министри од Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, информираа извори од Палестинската управа.
Посетата на принцот Фејсал на Западниот Брег ќе беше прва од ваков тип од страна на висок саудиски функционер во поново време.
Израелски претставник изјави дека арапските министри планирале да учествуваат на „провокативна средба“ посветена на темата за унапредување на идејата за создавање палестинска држава. ссм/
фото: ЕПА архива