Санчез: Западен Балкан е составен дел на Европската Унија
- Западен Балкан е составен дел од Европската Унија и Шпанија целосно ја поддржува интеграцијата на тој регион во ЕУ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез во Тирана.
Тирана, 1 август 2022 (МИА) - Западен Балкан е составен дел од Европската Унија и Шпанија целосно ја поддржува интеграцијата на тој регион во ЕУ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез во Тирана.
Санчез е првиот шпански премиер кој ја посетил Албанија. Пред Тирана, Санчез беше во посета на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија.
- ЕУ не може да се замисли без Балканот. Интеграцијата на тој регион ќе ја зајакне ЕУ, рече Санчез на прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама.
Сепак, тој, како што пренесува РТК, истакна дека неговата земја не ја признава независноста на Косово, бидејќи, според него, со прогласувањето независност Косово го прекршило меѓународното право.
- И покрај сета почит што ја имаме за албанскиот народ, тоа не можеме да го прифатиме, истакна Санчез.
Шпанија е една од петте земји на ЕУ и четирите земји од НАТО кои не ја признаваат независноста на Косово, прогласена во 2008 година.
Непризнавањето е главната пречка за интеграцијата на Косово во ЕУ и НАТО, каде одлуките за проширување се носат со консензус на сите членки. ссм/