• понеделник, 23 декември 2024

Санду: Русија со помош на странски саботери сака да ја собори Владата на Молдавија

Санду: Русија со помош на странски саботери сака да ја собори Владата на Молдавија

Кишињев, 13 февруари 2023 (МИА) – Претседателката на Молдавија, Маја Санду денеска ја обвини Москва дека планира да користи странски саботери, меѓу кои и граѓани на Србија и Црна Гора, со цел да го собори раководството на Молдавија, да ја спречи земјата да се приклучи на Европска Унија и да ја искористи во војната против Украина.

- Покрај граѓаните на Србија и Црна Гора, на списокот на потенцијални саботери има и граѓани на Русија и на Белорусија, кои влегуваат во Молдавија за да се обидат да испровоцираат протести во обид да ја променат легитимната Влада во нелегална влада контролирана од руската Федерација, истакна Санду.

Нејзината изјава уследи откако украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела наведе дека Киев открил руски разузнавачки план „за уништување на Молдавија“.

Претседателката на Молдавија, која граничи со Украина, постојано изразува загриженост поради намерите на Москва кон поранешната советска република и присуството на руски војници во отцепениот регион Придњестровје. Официјална Москва минатата година постојано негираше дека сака да интервенира во Молдавија. ми/

Остани поврзан