• вторник, 26 ноември 2024

Самитот на Франкофонијата, закажан за ноември во Тунис, одложен за една година

Самитот на Франкофонијата, закажан за ноември во Тунис, одложен за една година

Париз, 13 октомври 2021 (МИА) - Осумнаесетиот самит на Франкофонијата, првично закажан за крајот на ноември на островот Џерба, е одложен за една година, „со цел да се овозможи Тунис да може да го организира во најоптимални услови“, се вели во соопштението на Меѓународната организација за франкофонија и Министерството за надворешни работи на Тунис, јави дописникот на МИА од Париз.

- Претставниците на земјите - членки и владите дебатираа отворено за организирање на самитот во Тунис во првично предвидените рокови. Тие постигнаа консензус за потребата да се одложи 18 -тиот самит на Франкофонијата за една година, со цел да се овозможи Тунис да може да го организира ова важно тело под најоптимални услови, се вели во соопштението на ОИФ.

Од своја страна, туниското Министерство за надворешни работи соопшти дека „дискусиите доведоа до консензус на претставниците на земјите - членки во врска со Тунис, домаќин на овој самит, и одложување на датумот на неговото свикување на островот Џерба во 2022 година, со цел да се обезбеди широко учество на највисоко ниво и да не мора да се држи без физичко присуство“.

Одлуката мора формално да се донесе на Министерската конференција за франкофонијата.

Со седиште во Париз, во ОИФ членуваат 88 држави и влади. Мисиите на Франкофонијата вклучуваат промовирање на „францускиот јазик и културна и јазична разновидност“, „мир, демократија и човекови права“ и „поддршка на образованието“. тг/паг/

Остани поврзан