Сали - Филипиду: Унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи
- Министерот за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со грчката амбасадорка во земјата, Софија Филипиду, на која биле разгледани приоритетите во процесот на европската интеграција и билатералната соработка меѓу двете земји.
Скопје, 14 јануари 2026 (МИА) - Министерот за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со грчката амбасадорка во земјата, Софија Филипиду, на која биле разгледани приоритетите во процесот на европската интеграција и билатералната соработка меѓу двете земји.
На средбата, како што соопшти МЕП, се разговарало за забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за реформската агенда и реформско-растечкиот механизам.
Министерот Сали ја истакнал важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.
Двајцата соговорници разговарале за билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамките на меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година) преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.
Министерот Сали и амбасадорката Филипиду ја оцениле како исклучително важна соработката во рамките на INTERREG IPA-програмата за прекугранична соработка Северна Македонија - Грција истакнувајќи ги проектите што придонесуваат за подобрување на јавната инфраструктура, заштита на животната средина, развој на образованието и иновациите, како и зајакнување на локалното и регионалното управување во прекуграничните области.
Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ министерот Сали ја реафирмирал определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.
На крајот од средбата двете страни ја потврдиле подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи. дма/са/
Фото: Министерство за европски прашања