• четврток, 07 ноември 2024

Салдо: Дњепар треба да се врати на своето нормално ниво до 16 јуни

Салдо: Дњепар треба да се врати на своето нормално ниво до 16 јуни

Херсон, 10 јуни 2023 (МИА) - Јужниот тек на реката Дњепар најверојатно ќе се врати во нивото на својот брег до 16 јуни, откако неделава беше крената во воздух браната Каховка што предизвика големи поплави во Херсонската област, изјави денеска локалниот претставник, назначен од Москва, Владимир Салдо.

Поплавата ги погоди градовите и селата под браната, заробувајќи илјадници жители и уништувајќи голем број домови од двете страни на реката, што го дели регионот Херсон на два дела, под контрола на Украина и Русија.

Салдо, кој управува со делот што е под контрола на Русија, изјави дека нивото на водата во Нова Каховка, град до браната, од вторникот е опаднато за три метри.

-Почна испумпувањето на водата и отстранувањето на ѓубрето од улиците, рече Салдо, додавајќи дека повеќе од 6.000 локални жители се евакуирани од поплавените делови на Нова Каховка и од градовите Олешки и Гола Пристањ, кои се наоѓаат во близина на устието на реката. 

Според него, прелиминарните пресметки на рускиот производител на електрична енергија РусХидро укажуваат на тоа дека Дњепар, по уништената централа Каховка, ќе се врати во својот нормален тек до 16 јуни.

Салдо, исто така, ја обвини Украина за гранатирање на привремени засолништа за луѓето раселени од поплавата, велејќи дека во нападите една жена загинала. Тој објави фотографија од уништената зграда, наведувајќи дека се работи за хотел.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди наводите за гранатирање, кои ги повторуваат сличните тврдења изнесени во последните денови. 

Киев, кој ја обвини Москва дека гранатира цивили на поплавената територија под нејзина контрола, засега не ги коментираше руските наводи.

Украина ја обвини Русија за уништување на хидроцентралата и браната, кои се под руска контрола од првите недели од војната. Москва, од друга страна, ја обвини Украина. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан