Салата АСНОМ во Делчево добива нов лик
- Салата во спомен-домот АСНОМ доби подно затолување, а во тек е инсталацијата на парното греење и електричната инсталација во салата. Овие зафати се дел од проектот „Реконструкција и санација на малата сала, влезот и влезниот хол во спомен-домот АСНОМ, вреден 9,6 милиони денари, а финансиската поддршка е од Министерството за култура во рамките на Програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областите на културата за 2023 година и дел од Општина Делчево.
Делчево, 6 ноември 2023 (МИА) - Салата во спомен-домот АСНОМ доби подно затолување, а во тек е инсталацијата на парното греење и електричната инсталација во салата. Овие зафати се дел од проектот „Реконструкција и санација на малата сала, влезот и влезниот хол во спомен-домот АСНОМ, вреден 9,6 милиони денари, а финансиската поддршка е од Министерството за култура во рамките на Програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областите на културата за 2023 година и дел од Општина Делчево.
-Реконструкцијата на предвидените позиции се одвива со задоволително темпо, а досега е поставена акустичната инсталација, завршени се ѕидарските работи и изградени три помошни простории, постевана е нова надворешна алуминиумска столарија, а во моментов се подготвуваат сцената и тоалетите, информираа од Општина Делчево.
Согласно со проектот, се очекува деновиве да започне и изградбата на пристапната рампа за лица со посебни потреби со што за прв пат ќе се овозможи соодветен пристап на овие лица во салата, а претходно со средства од Општина Делчево е извршена санација на кровот на спомен-домот АСНОМ.
-Сите овие интервенции се во насока на обезбедување современи услови во салата АСНОМ кои ги бара културата во 21 век што директно ќе влијае и на збогатување на понудата за љубителите на уметноста и враќање на културните настани на сцената во салата АСНОМ кое важеше за култно место за културата во Делчево, додадоа од Општината.
Во малата сала се одржуваа сите свечености и културни настани во Делчево, но таа максимално се користи и за подготовка и проби на секциите при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Пејачката група „Ѓурѓа“, КУД „Гоце Делчев“ Делчево, како и за проби и настапи на ФГ „Копачка“ од с. Драмче и други здруженија кои работат во областа на културата.
Вкупната вредност на работите е 10.587.845 ден, од нив преку Програмата за користење капитални дотации до единиците на локалната самоуправа од областа на културата за 2023 г. преку Министерството за култура се обезбедени средства во висина од 9.623.369,00 денари. Општина Делчево учествува со парични средства во износ од 817.353,00 денари обезбедени од Буџетот на Општина Делчево за 2023 година.
Градежните работи ги изведува ПАНЕЛ-М Мехаз ДООЕЛ Тетово. Работите треба да завршат до крајот на ноември оваа година. вс/дма/
Фото: МИА