• четврток, 19 декември 2024

Саинц нема да вози во Џеда поради воспаление на слепото црево

Саинц нема да вози во Џеда поради воспаление на слепото црево

Џеда, 8 март 2024 (МИА) - Возачот на Ферари, Карлос Саинц Јуниор, нема да настапи на трката за Големата награда на Саудиска Арабија поради воспаление на слепото црево. Тој ќе биде заменет од британскиот возач кој се натпреварува во Формула 2 - Оливер Берман.

Саинц се чувствувал лошо и пред вториот тркачки викенд во сезоната, па го „прескокна“ разговорот со медиумите пред да излезе на патеката. Шпанецот учествуваше на првиот и вториот слободен тренинг, но потоа беше утврдено дека не може да се натпреварува и дека му е потребна операција.

Претходно, вакво нешто се случи пред Големата награда на Италија во 2022 година - тогаш асот на Вилијамс, Алекс Албон, се почувствува лошо, а него го замени Холанѓанецот Ник де Вриј.

Саинц го опиша првиот ден во Саудиска Арабија како „најтежок во кариерата досега“, а од следната сесија ќе биде заменет од Берман.

Оливер има 18 години, член е на академијата на Ферари и вози за Према. Покрај „постојаниот“ ангажман во Формула 2, Британецот е и резервен возач на Ферари, поради што добива можност да вози во најбрзиот караван. Поради промена на околностите, тој нема да се натпреварува во остатокот од тркачкиот викенд во јуниорскиот шампионат, кој паралелно се случува со Формула 1 во Џеда.

Берман веќе дебитираше во Формула 1 на крајот на минатата година, кога имаше два настапи за Хаас - на првиот тренинг на Големата награда на Мексико и Абу Даби. Према имаше тежок воведен викенд од сезоната, но Берман повторно ја покажа својата брзина заземајќи ја пол-позицијата за првата Формула 2 трка во Саудиска Арабија.

Минатата сезона Британецот забележа четири победи и го зазеде шестото место во генералниот пласман. Претходно беше шампион на италијанското и германското првенство во Формула 4. дс

Фото: Твитер/Скудерија Ферари

Остани поврзан