Саем за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во Скопје Сити Мол
- Во организација на Македонската соларна асоцијација, од денеска до 2 јуни во Скопје Сити Мол по третпат ќе се одржи Саемот за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, на кој ќе учествуваат над дваесетина реномирани компании од регионот и Европа.
Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Во организација на Македонската соларна асоцијација, од денеска до 2 јуни во Скопје Сити Мол по третпат ќе се одржи Саемот за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, на кој ќе учествуваат над дваесетина реномирани компании од регионот и Европа.
Во текот на трите саемски денови, посетителите ќе можат да посетат штандови на производители и трговци на соларна опрема како што се: фотоволтаични панели, батерии за складирање на електрична енергија, топлински пумпи, фото/термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, трафостаници, громобранска заштита, инвертери, роботи и машини за чистење на соларни колектори, соларни сушарници, воздушни колектори, електрични велосипеди, електрични полначи, соларни бојлери и многу други сегменти и производи кои користат обновлив извор на енергија.
-Соларната асоцијација секогаш настојува да промовира европски вредности, регулативи и стандарди каде што нема разлика дали соларната опрема е произведена во Германија, Македонија, Австрија или во која било друга земја во Европа, сè додека задоволува одредени критериуми за квалитет. Во нашата земја многу често се зборува за енергетска ефикасност, примена на обновливи извори на енергија, но многу ретко за тоа што сè е важно при изборот на опрема. Само ако се инвестира во опрема која е сертифицирана може на долгорочен план да ги намалиме климатските промени, а располагаме и со системи кои имаат соодветни гарантни услуги и постигнуваат максимална ефикасност. Асоцијацијата преку многуте стратешки партнерства со европски асоцијации, како што е Solar Heat Europe, настојува секогаш да се воведат критериуми како и барања за технички карактеристики при секакво државно субвенционирање на соларна опрема, велат професор Илија Насов и машинскиот инженер Стефан Трајков од асоцијацијата „Солар Македонија“.
Саемот на соларна опрема е во организација на Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“, а поддржан во рамките на проектот на УСАИД „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, имплементиран од Консалтинг за стратешки развој. дма/вг/
Фото: Плакат