• петок, 11 октомври 2024

САД ja обвинија Русија за водење кампања за влијание врз американските избори

САД ja обвинија Русија за водење кампања за влијание врз американските избори

Вашингтон, 4 септември 2024 (МИА) - САД ja обвинија Русија дека води кампања за влијание врз американските избори во 2024 година а со помош на онлајн платформи за ширење дезинформации пласирани на избирачите.

Обвинувањата се насочени кон руската државна медиумска мрежа RT, соопшти „Си-Ен-Ен“. САД денеска објавија и санкции против главниот уредник на RT и уште девет лица, а во врска со обидите за мешање во претседателските избори закажани за 5 ноември годинава.

Генералниот обвинител на САД, Мерик Гарланд, денеска излезе со соопштение а по состанокот на работната група на Министерството за правда за борба против изборните закани.

На состанокот учествуваа директорот на ФБИ Крис Реј, заменик-генералниот обвинител Лиза Монако, нејзиниот главен заменик Никол Аргентјери и заменик-генералниот обвинител за национална безбедност Мет Олсен.

Министерството за правда претходно предупреди дека Русија сè уште претставува закана за претседателските избори во САД во 2024 година.

Минатиот месец Монако предупреди дека Владимир Путин „и неговите довереници користат сè поуспешни методи во своите операции за мешање (во изборите)“.

Обвинувања се поднесени и против вработените на RT Константин Калашников и Елена Афанасиева, обвинети за заговор за перење пари и прекршување на законот за странски агенти.

Министерството за финансии изјави дека главниот уредник на RT, Маргарита Симоњан и други лица поврзани со овој руски медиум тајно регрутирале влијателни лица на социјалните мрежи и се обидувале да влијаат на јавното мислење со ширење прокремљовски наративи. Целта е да се убеди американската јавност дека САД треба да престанат да ја поддржуваат Украина.

Според Гарланд, RT потрошило околу 10 милиони долари за финансирање и управување на компанија во Тенеси со цел создавање и дистрибуција на содржини во интерес на руската влада. На оваа компанија било наложено да ангажира инфлуенсери за да го шират ваквите содржини на своите платформи. Компанијата не ги информирала своите потписници на социјалните мрежи и регрутираните инфлуенсери за своите врски со RT.

ФБИ се обрати до судските органи за дозвола за конфискација на 32 интернет-домени, употребени во обезбедување на „штетно странско влијание“, вклучувајќи обиди за поткопување на јавната поддршка за американската помош за Украина во нејзината борба против Русија. кб/

Остани поврзан