• петок, 05 декември 2025

САД пред здравствен предизвик: ЦДЦ во хаос по отпуштањето на Монарез и назначувањето на О’Нил

САД пред здравствен предизвик: ЦДЦ во хаос по отпуштањето на Монарез и назначувањето на О’Нил

Вашингтон, 29 август 2025 (МИА) - Белата куќа го назначи Џим О’Нил, биотехнолошки инвеститор и поранешен вработен во Министерството за здравство за време на администрацијата на Џорџ В. Буш, за привремен директор на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), потврди официјален претставник за „Гардијан“.

Назначувањето се очекува да ги поддржи целите на секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор за реформирање на федералната политика за вакцини.

О’Нил доаѓа на местото на Сузан Монарез, експерт за заразни болести, која беше отпуштена од позицијата директор на ЦДЦ откако одби да поднесе оставка под притисок од Кенеди и неговите сојузници. Нејзините адвокати го опишаа отпуштањето како „намерна одмазда“ поради нејзиниот отпор кон ненаучни директиви.

Монарез, потврдена од Сенатот пред помалку од еден месец, беше сметана за личност што може да го ублажи антивакциналниот став на Кенеди, кој две децении е истакнат противник на вакцините.

Нејзиното отпуштање предизвика немир во ЦДЦ, а четворица високи функционери, вклучително и Деметре Даскалакис, директор на Националниот центар за имунизација и респираторни болести, поднесоа оставки во знак на протест.

Даскалакис, во писмото за оставка објавено на социјалната мрежа Х, изјави дека не може да служи во средина што „јавното здравство го претвора во оружје“. Тој ги критикуваше промените во распоредот за имунизација, за кои рече дека ги загрозуваат животите на децата и бремените жени. Според него, податоците што ги поддржуваат овие промени никогаш не биле споделени со ЦДЦ, и покрај неговите барања до Министерството за здравство (HHS).

Тој исто така истакна дека HHS дистрибуирал документ со „често поставувани прашања“ за поддршка на одлуките на Кенеди, без консултација со експертите од ЦДЦ.

ЦДЦ се соочува со дополнителни предизвици, вклучително масовни отпуштања, намалување на буџетот и напад со оружје во нејзиното седиште во Атланта на 8 август, при што загина полицаец. Кенеди, кој има значително влијание врз политиките за имунизација, неодамна го распушти советодавниот панел за вакцини, откажа студии за mRNA технологијата и назначи лица со слични ставови. Овие потези предизвикаа загриженост за ерозија на довербата во агенцијата, која долго време беше сметана за „круна на американската наука“.

О’Нил, за разлика од Монарез, нема обука во медицината или науката за заразни болести. Тој порано пишувал говори во рамки на Министерството за здравство и подоцна работел за технолошкиот инвеститор и конзервативен донатор Питер Тил. За време на пандемијата на Ковид-19, О’Нил јавно поддржуваше непотврдени третмани како ивермектин, хидроксихлорокин и витамин Д како „профилакса“.

Тој, исто така, објавуваше конспиративни теории на социјалните мрежи, вклучително неосновано тврдење дека името „Ковид“ било избрано за да се прикрие потеклото на вирусот.

Назначувањето на О’Нил предизвика остри критики од здравствените експерти. Атул Гаванде, хирург и експерт за јавно здравство, праша: „Дали Америка остана без вистински здравствени експерти со докажано искуство во подобрувањето на јавното здравје?“

Во наредните недели, ЦДЦ треба да одржи состанок на советниците за вакцини, на кој О’Нил се очекува да има клучна улога. Процесот може да доведе до нови, рестриктивни упатства за вакцините против Ковид-19. Сенаторот Бил Касиди, лекар и претседател на сенатскиот комитет за здравство, побара одложување на состанокот закажан за септември, тврдејќи дека препораките од него би биле невалидни поради нестабилноста во ЦДЦ.

О’Нил може да служи само како привремен директор додека Сенатот не потврди постојан директор. За време на сослушувањата за неговата сегашна позиција како заменик-секретар во HHS, О’Нил инсистираше дека е „за вакцини“, но демократите изразија скептицизам поради неговата блискост со Кенеди.

Д-р Џорџес Бенџамин, извршен директор на Американската асоцијација за јавно здравство, го нарече лидерскиот потрес во ЦДЦ „неуспешно раководење и невнимателно управување“ од страна на Кенеди, обвинувајќи го за „очигледно непочитување на науката и доказите“.

Промените во ЦДЦ доаѓаат во време на зголемени случаи на сипаници, ширење на птичји грип кај говедата и појава на паразитот „New World screwworm“ во САД. Експертите, вклучително и Лоренс Гостин од Универзитетот Џорџтаун, предупредуваат дека лидерската криза може трајно да ја ослабне способноста на ЦДЦ да одговори на заразни болести.

- Ова е речиси дефиниција за политика што ја поткопува науката, изјави Гостин.Д-р Дебра Хаури, која исто така поднесе оставка од позицијата главен медицински директор на ЦДЦ. Таа за MSNBC рече дека раководството на агенцијата немало можност да го информира Кенеди за клучни прашања.

Научниците во ЦДЦ се врвни, но во последните месеци беше тешко да се носат одлуки засновани на наука и податоци, додаде таа.

Лидерската криза во ЦДЦ предизвика и економски последици. Акциите на производителите на вакцини, како „Модерна“ и „Фајзер“, паднаа за 3% и 2% соодветно, по последните промени во политиката за вакцини. Фармацевтската индустрија се подготвува за неизвесност, особено поради политиките за цените на лековите на администрацијата на Доналд Трамп.

Бенџамин предупреди дека нарушувањата во ЦДЦ може да ја загрозат способноста на земјата да детектира и одговори на нови заразни болести, што би имало сериозни последици за јавното здравје и економијата. „Превенцијата и здравјето се најдобрата инвестиција“, заклучи тој. ссм/

фото: Американско Министерство за здравство

Остани поврзан