• петок, 22 ноември 2024

САД: Откриени превисоки нивоа тешки метали во чоколадни производи на повеќе компании

САД: Откриени превисоки нивоа тешки метали во чоколадни производи на повеќе компании

Лос Анџелес, 26 октомври 2023 (МИА) - Американското списание „Консјумер рипортс“ (Consumer Reports) објави дека се откриени превисоки нивоа олово и кадмиум во чоколадни производи на повеќе компании и ги повика производителите да ја намалат количината тешки метали во своите кондиторски намирници.

Истражувањето открива тешки метали во сите 28 анализирани темни чоколади. Но, во 23 од нив, меѓу кои и „Херши“, „Годива“, „Мондалез“ и „Линт“ - нивото на олово, кадмиум или двата метали може да биде штетно ако се консумираат 28 грама на ден.

-Нашите истражувачи тестираа 48 чоколадни производи од повеќе компании - и темно и млечно чоколадо, какао во прав, чоколадни чипсови, мешавина за чоколадни колачиња, чоколадна торта и топло чоколадо. Сите 48 производи содржеа мерливи количини олово и кадмиум, а 16 содржеа потенцијално штетни нивоа на едниот, другиот или обата метала, се вели во извештајот.

Потрошувачите поднесоа тужби против повеќе компании.

„Само млечното чоколадо не содржи прекумерна количина метал, поради помалиот удел на цврсти материи од какао“, се наведува.

Меѓу производите за кои е откриено дека содржат прекумерна количина метал се темното чоколадо и прашокот за топло чоколадо на „Волмарт“, какаото во прав „Херши“ и „Дросте“, чоколадниот чипс на „Таргет“, мешавините за топло чоколадо на „Трејдер Џо“, „Нестле“, „Старбакс“.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан